Скопје – домаќин на интернационална програма за применета уметност

Кон крајот од 2022 година започна со реализација и наедно ќе трае до јули 2023 г. новата практична програма во културниот менаџмент, иницирана да ги исполни празнините во академските образовни програми во организација на академијата „Култарт“, чии цели се обуки на пет меѓународни групи млади специјалисти од Австрија, Италија, Грција, Бугарија и од Македонија. Ќе се покрие целиот опсег на креативни индустрии во пет програми: фестивали, визуелни уметности, изведувачки уметности, дизајн и архитектура, применета уметност. Секоја програма ќе се одвива според распоредот во еден од пет партнерски градови.
Првата беше посветена на дизајнот и архитектурата и се одржа во Лече, Италија, лани во ноември. Програмата за визуелни уметности, пак, се одвиваше во Австрија, Виена, во јануари. Во подготовка е програмата за применета уметност, чиј домаќин ќе биде Скопје, од 27 до 31 март. Следуваат уште две, онаа за изведувачки уметности во Јанина, Грција, во мај, и во јули во Бугарија.
Програмата за применета уметност е во организација на „Култарт“ и здружението „Еду центар“, а институција за студија ќе биде Националната галерија на Македонија. Работилница ќе биде фокусирана на темата организации за применета уметност, како клучен поттик за културната индустрија и профилот на градот Скопје.
– За време на подготвителната фаза, „Еду центарот“ избра една културна организација што организира изложби од големи размери најмалку пет години и сега трпи загуби поради кризите од ковид (на пр. Друштвото на ликовни уметници на Македонија, Младинскиот културен центар, Музејот на современа уметност, Националната галерија, Занаетчиската комора – Скопје, помали приватни галерии и центри за современа уметност итн.). Заедно со засегнатите страни на тие институции ќе се создаде портфолио на студија на случај, во кое ќе се наведат неговите главни проблеми, предизвици и загуби по кризата: намалена публика, мерки за штедење, намалување на човечките ресурси, загуби на благајните, финансирање и маркетинг-предизвици.

Овие први ресурси на информации ќе бидат основата на заедничките активности на сите партнери и учесници во текот на петдневните сесии. Овој иновативен пристап кон учесниците ни дава можност да го засилиме практичното вклучување на младите во вистинскиот креативен и културен сектор, да формираме група на мултикултурни професионалци што се појавуваат – велат организаторите.
Групата ќе се сретне лично со репрезентативен музеј, во случајов Националната галерија, партнер во проектот, која ќе одржи презентација и ќе ги наведе главните загуби, предизвици и тешкотии што ги трпи нивната институција од кризите со ковид. Учесниците ќе се запознаат со модулите на наставната програма, главните алатки и пристапи на програмата. Предавачи се: Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија, Роберт Јанкулоски, редовен професор на Катедрата за фотографија на Универзитетот „Еуропа Прима“ и основач на Македонскиот центар за фотографија, Моника Мотеска, ликовна уметница и припадничка на средната генерација македонски современи уметници со сериозно влијание врз создавањето на регионалната уметничка сцена во 21 век, која работи со сликарство, фотографија, видео и инсталации, Александар Велиновски, основач и главен менаџер на културниот центар „Јавна соба“, Ана Франговска, докторантка на универзитетот „Сингидунум“, на Факултетот за медиа и комуникации, виша кусоска во Националната галерија, и Сузана Миновска, магистерка по графички дизајн, одговорно лице за односи со јавност и маркетинг во НГМ.

– За време на петдневната работилница, младинската група ќе биде поделена во пет групи од по пет лица. Секоја група ќе добие модел за културен менаџмент – аспекти на знаење: управување со публика, маркетинг, прибирање средства, управување со човечки ресурси, медиумска комуникација итн. Овој модел ќе биде нивната главна алатка за работа. Преку различни вежби, игри со улоги, бура на идеи и заедничка тренинг-сесија од секоја група учесници ќе биде побарано да дојде до решение за бизнис-план и стратегија за решавање на проблемите на студијата на случајот на институцијата за применети уметности – велат од здружението.
Според програмата на проектот во Скопје, на последниот ден од сесијата, 31 март, од 10 до 13 часот ќе се презентираат трудови – студија на случај на петте групи, во мултимедијалниот центар „Мала станица“. В.Д.