Големите енергетско-политички игри: нафтоводот „Дружба“ (втор дел)

Приходите од продажба на нафта за 2022 г. на Русија ѝ донеле околу 300 милијарди долари, при просечна цена на суровата нафта од типот брент од 110 долари за барел, што е зголемување од околу 100 милијарди долари во однос на 2021 г., кога приходите биле околу 200 милијарди при просечна цена од 69 долари сурова нафта од типот брент.
Русија е еден од најголемите снабдувачи на Европа со сурова нафта. Во 2020 година, ЕУ увезла 113 милиони тони сурова нафта, бензин и дизел од Русија или околу 25 отсто од вкупните потреби. Во 2021 година, увозот на сурова нафта, бензин и дизел од Русија изнесувал околу 26 отсто од вкупните потреби. Околу 90 отсто од суровата нафта од Русија е извезена во Европа по воден пат, односно од пристаништа на Балтичко Море, Црно Море и од крајбрежни терминали на Арктикот до европските пристаништа, додека помали количества се испорачуваат од пристаништето на Црно Морe.
Само 6-8 отсто сурова нафта се транспортира преку нафтоводот „Дружба“ кон европските земји. Најголемиот увозник на горива од Русија е Европа, a најголем дел од парите што Русија ги заработува од нејзиниот извоз е од сурова нафта и нафтени продукти и гас. Врз основа на тоа, Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ) прави истражувања за да види дали постои некаков сооднос на продажбата на енергенти со руската воена индустрија. Бидејќи буџетот на руското министерство за одбрана е поврзан со цената и количеството нафта, а Русија е најголемиот извозник на нафта на европска почва, заклучок е дека ЕУ е клучен играч што ја модернизира руската војска и поради тоа во 2022 г. увозот е намален на само 15 отсто (една од причините е и војната во Украина).
За дополнително да ja намали зависноста од руска нафта увезена од Русија, Европа во последниве две години воведува санкции, при што речиси целосно се сопрени сите испораки на нафта по воден пат од Русија, иако Европа индиректно повторно купува руска нафта (и тоа поскапа), но од други доставувачи. Во исто време, Русија наоѓа нов пазар во Кина и Индија (Русија ја надминува Саудиска Арабија со продажба на нафта на Кина и плус гради нови цевководи) каде што пренасочува огромни количества сурова нафта и од тоа остварува големи приходи. Русија, сигурна во тоа дека има каде да пласира нафта, го намалува протокот на сурова нафта преку нафтоводот „Дружба“ кон Полска (само на 10 отсто), бидејќи Полска ѝ доделува тенкови „леопард“ на Украина и уште најавува дека ќе ѝ достави авиони.

Од ова може да се види дека енергетиката е една од најважните алатки за големите геополитички игри. Како што се намалува количеството нафта што се пренесува преку „Дружба“ кон Европа така се намалуваат и економските придобивки за земјите низ кои проаѓа нафтоводот. Имено, земјите низ кои проаѓа „Дружба“ заработуваат таканаречена такса поради користење на територијата низ која проаѓа цевководот и износите на тие такси не се исти за сите земји. Низ Украина поминува јужниот крак на нафтоводот во должина од околу 1.500 км, кој нафтата ја пренесува до Унгарија, Словачка и до Чешка и за тоа добива од 11,50 до 13,60 евра по тон сурова нафта (цените се за 2022-2023 г.). Низ Словачка должината на делот од „Дружба“ изнесува околу 220 км и за тоа добива околу 9-10 милиони долари (за 2022 г). Низ Унгарија должината на делот од „Дружба“ е околу 130 км, но таа не објавува никакви официјални податоци. Низ Белорусија должината на сите три поткрака е околу 3.000 км и за тон сурова нафта добива околу пет долари.
Според официјални наоди на научната јавност, транспортот со големите танкери бара повеќе време, поскапо е за трипати, при што може да се случат и се случуваат еколошки катастрофи, додека пренесувањето сурова нафта преку цевководи е најевтиниот, најеколошки и најбрз пат за пренесување нафта. Но и тој има доста негативни ефекти на околината, така што ако дојде до истекување на нафтата (кое тешко може да се забележи и може да трае подолг период) поради корозија на цевките, земјотрес или дождови што предизвикуваат лизгање на земјиштето, може да се загадат воздухот, водата во долните слоеви и пред сѐ почвата.
Еден пример што направи многу голем негативен импакт на нафтоводот „Дружба“ управуван од „Транснефт“ се случи во 2019 г. кога дојде до инјектирање нафта со голема содржина на штетни супстанции (органски хлориди). Повеќе големи и мали производители од Русија инјектираат сурова нафта од различни полиња и од различни производители со различни карактеристики. Но пред да се инјектира нафта во нафтоводот постојат мерни станици што го испитуваат квалитетот.

Бидејќи „Транснефт“ не e во состојба сам да го спроведе тоа, тој ангажира мали компании што го испитуваат квалитетот дали е според потребните барања. Спецификациите за квалитет за сурова нафта се наоѓаат во руските државни стандарди ГОСТ, каде што има и стандард за постапката што се користи за одредување на содржината на органски хлориди во нафта. Според оваа утврдена постапка, хемиската анализа на примероците од мерните станици се изведуваат секојдневно за содржината на сулфур и парафин, но само еднаш во десет дена за содржина на органски хлориди. Точката на инјектирање нафта каде што настанала контаминацијата со штетни супстанции е на регионот Самара во Русија. „Транснефт“ ја именуваше приватната компанија „Самара транснефт“, која како сопственик на мерната станица требаше да го контролира квалитетот, но таа му ја продала мерната станица на друштвото со ограничена одговорност „Нефтеперевалка“. Во тој дел дури четири мали независни производители ја доставуваат нафтата до „Нефтеперевалка“, која го проверува нејзиниот квалитет, ги издава потребните документи и потоа ја инјектира во системот на „Транснефт“ за нафтоводот. Но проверките на квалитетот на ова собирно и мерно место биле игнорирани, така што е инјектирано големо количество органски хлориди, што доведе до запирање на протокот на нафта во нафтоводот. На поголеми температури (над 200 степени Целзиусови) хлоридите започнуваат хемиска реакција и формираат хлороводородна киселина, која предизвикува корозија на опремата за рафинирање (беше оштетена рафинеријата „Мозир“ во Белорусија и среќа што успеаја навреме да го запрат процесот на ширење).
Нафтата загадена со висока концентрација на органски хлориди (дозволено е до 10 ppm, а откриено е количество од 80 ppm до 360 ppm) не може да се продава. Со цел контаминираното количество нафта да се доведе до 10 ppm, тоа мора да се разреди со големи количества „чиста“ сурова нафта. Контаминирана нафта беше пронајдена во Русија, Белорусија, Полска, Германија, Украина, и во балтичкото пристаниште Уст-Луга, од кои сите се поврзани со мрежата „Дружба“. Од тоа пристаниште веќе биле наполнети и испловиле танкери со над еден милион тони нафта или вкупно, според непотврдени информации, биле загадени од три до четири милиони тони нафта.

Некои поголеми еколошки последици немаше, но чистењето на нафтата, застојот на проток на нафта, а со тоа и прекин на работа на неколку огромни рафинерии во европските земји, кои не можеа да испорачаат нафта кон потрошувачите, предизвикаа големи економски последици, зголемени цени, несигурност и големо нарушување на угледот на руската нафтена индустрија. Кривичната истрага за инцидентот доведе до апсење на осум лица, меѓу кои и четворица вработени во „Транснефт Дружба“ т.е. подружницата „Самара“, одговорна за овој дел од гасоводот. Уште две лица побегнале во странство и по нив се распишани меѓународни потерници.
Според истрагата, инјектирањето сурова нафта контаминирана со хлориди во резервоарите за нафта во мала приватна точка за собирање сурова нафта во регионот „Самара“ било извршено со цел да се „компензира“ кражбата на сурова нафта од тамошните резервоари за складирање нафта, која траела со месеци и била во голем обем. Оттогаш се променети голем дел постапки, процедури, сигурносни сертификати, мерни инструменти, испитувања на ризици и испитувањата за содржина на органски хлориди наместо на десет дена се извршуваат секојдневно, со што руската нафтена индустрија успеа да го поврати угледот кон своите клиенти.

Љупчо Давчев

(Авторот е магистер по технички науки од областа на енергетското машинство)