Фото: ЕПА

Кинескиот претседател Си Џинпинг, по тридневната посета, вчераутро си замина со авион од Москва. Иако сѐ уште е рано за давање заклучоци за неговата посета, поради дефицитот од попрецизни информации за тоа што конкретно се разговарало, преговарало или пак договорило, особено на воен или политички план, сепак, според руските медиуми, посетата била со една генерална билатерална цел, а тоа е „зајакнување на врските на Кина и Москва“. За таквата првична оцена руските медиуми се повикуваат на јавно декларираниот став на двајцата претседатели, кои го пофалија влегувањето на нивните посебни односи во т.н. нова ера.

Заемни односи на највисоко ниво, ненасочени против која било друга земја

Русија и Кина во заедничката декларација наведоа дека нивните билатерални односи достигнале највисоко ниво, но исто така истакнаа дека тие не се насочени против која било друга земја.
„Ројтерс“ објави дека претседателот Путин и претседателот Си потпишаа серија документи за „стратегиска соработка“, со заклучок дека „Кина сега е очигледно најважниот економски партнер на Русија“.
Сепак, она што привлече најголемо внимание беше разгледувањето на „кинескиот план за решавање на конфликтот во Украина“, документ од 12 точки што повикува на деескалација и прекин на огнот. Него детално и лично го образложи претседателот на Кина.
Според портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, рускиот и кинескиот претседател уште во понеделникот разговарале четири и пол часа токму за Украина, но тој не издвои конкретни заклучоци по тоа прашање.
Во заедничката изјава по државната посета на Си на Москва, двајцата лидери со општи дипломатски констатации предупредија да не се преземаат какви било чекори што би можеле да го турнат украинскиот конфликт во „неконтролирана фаза“, додавајќи дека „не може да има победници во нуклеарна војна“!

Путин: Кинеските предлози може да послужат како основа за мирно решение

Рускиот претседател по разговорите со својот кинески колега изјави дека кинеските предлози може да послужат како основа за мирно решение во Украина, но дека Западот и Киев сѐ уште не се подготвени. Претседателот Си го повтори кинескиот став за Украина и повика на дијалог.
– Сметаме дека многу од одредбите на мировниот план претставен од Кина се во согласност со руските пристапи и дека тие можат да се земат како основа за мирно решение кога ќе бидат подготвени за тоа на Запад и во Киев. Сепак, засега не гледаме таква подготвеност од нивна страна – рече Путин.
Властите во Киев го поддржаа дипломатскиот ангажман на Кина, но велат дека Русија мора да ги повлече своите трупи од Украина и да ја нагласи важноста на територијалниот интегритет на Украина.
САД го отфрлија предлогот на Кина, бидејќи одбиваат да ја осудат Русија за своите постапки во Украина и тврдат дека сегашниот прекин на огнот ќе ги забетонира руските територијални придобивки и ќе ѝ даде на војската на Путин повеќе време да се регрупира.

Економски потенцијали на посетата

Вториот ден од посетата на кинескиот претседател на МОсква, во вторникот неделава, шефот на кинеската држава и неговиот домаќин потпишаа договори за заедничка соработка до 2030 година, во чиј фокус е засилено економско партнерство. Русија, која се наоѓа под притисок од западните санкции поради војната во Украина, од Кина ќе биде снабдена со повеќе електротехника. Кинеската економија, пак, која е жедна за енергенти, ќе добие повеќе гас и нафта по поволни цени.
Испораката на гас од Русија за Кина до 2030 година би требало да достигне речиси 100 милијарди кубни метри годишно, освен тоа ќе бидат испорачани и 100 милиони тони течен гас, како и јаглен и нуклеарно гориво.
Во минатата година руско-кинескиот трговски волумен се зголемил речиси за 30 проценти, на близу 172 милијарди евра, а очекувањата, како што истакна Путин, се тој годинава да достигне 187 милијарди евра.
Поради слабеење на доларот, платниот промет меѓу двете држави и со други трговски партнери продолжува да биде адаптиран на јуанот и рубљата.

Дали посетата на Си Џинпинг претставува важна поддршка за Владимир Путин?

Според дел од набљудувачите на состојбите, политички аналитичари, пристигнувањето на претседателот на Кина во Москва претставува „важна поддршка за шефот на руската држава“, против кого Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење минатата недела, под обвинение за воени злосторства извршени во Украина. Истовремено се потенцира дека кинескиот претседател беше во Москва во време кога Русија во голема мера ја преориентира својата економија кон Кина, а Западот ѝ воведе санкции.
Во овој момент се наметнува заклучокот дека Путин може да смета на поддршката на Пекинг за да ја пробие изолацијата што му ја наметна Западот од почетокот на конфликтот во Украина, што може многу добро да се илустрира со поканата што ја доби од страна на Си да ја посети Кина уште во текот на оваа година.