Италијанските власти решија да воведат драконски мерки во обид да спречат натамошно ширење на коронавирусот во земјата, по драматичната ескалација на ситуацијата со нови 1.250 заразени и 36 починати од петокот до саботата. Околу 16 милиони луѓе од северна и централна Италија се опфатени со мерките со кои се забрануваат влез и излез од Ломбардија, чиј главен град е Милано, и од уште 14 провинции, вклучувајќи ги Венеција, Пјаченца, Парма, Модена… Според процените, во Пјаченца живеат околу 10 илјади македонски државјани, главно од струмичкиот крај.

Мерките предвидуваат дека до 3 април ќе бидат затворени музеите, салите за вежбање, ски-центрите, а нема да се организираат ни свадби ни погреби.

– Мораме да преземеме одговорност сами за себе. Се соочуваме со вонредна ситуација, мораме да го ограничиме ширењето на вирусот и да спречиме нашите болници да бидат пренатрупани – рече италијанскиот премиер Џузепе Конте, образложувајќи го воведувањето на строгите чекори. Рестораните и кафулињата ќе бидат отворени само од 6 до 18 часот, а луѓето ќе може да седат само на оддалеченост од најмалку еден метар. На граѓаните им се советува да излегуваат од дома само во крајна нужда, а за оние што нема да ги почитуваат правилата, следуваат казни и до три месеци затвор. Но нејасно е како ќе се одразат мерките на авионските летови кон и од погодените региони.

Веб-сајтот на аеродромот кај Милано покажува дека денеска претпладне се реализирани неколку слетувања од европски градови.