Четири лица загинаа, а 68 се водат како исчезнати при уривање на станбена зграда во рускиот град Магнитогорск во Челјабинската Област, соопшти областниот гувернер Борис Дубровски.

Тој информира дека причина за уривањето на зградата е експлозија на системот за гас.

Претходно и руското Министерство за цивилна заштита, вонредни состојби и справување со последиците од елементарни непогоди соопшти дека експлозијата на гас е единствената верзија што се истражува како причина за инцидентот.

Според Министерството, при трагедијата целосно се урнати или оштетени 48 станови во зградата.

Дубровски нагласи дека овие станови живееле или под наем ги користеле вкупно 120 луѓе, од кои позната е судбината на 52 – четворица загинати, 16 евакуирани, меѓу кои и седум деца, четворица повредени, од кои две деца и уште 28 лица со кои е воспоставен контакт, а кои не биле во зградата при инцидентот.

Гувернерот додаде и дека телефонски разговарал со рускиот премиер Дмитриј Медведев, кој му ветил дека Владата на Русија ќе им ја укаже сета неопходна помош на нстраданите лица.

Дубровски најави и дека на сите оние жители на зградата кои останаа без своите домови, локалните вкасти ќе им обебзедат нови станови.

Властите информираа дека во акцијата за расчистување на урнатините и потрага по исчезнатите учествуваат 469 спасувачи.

Во зградата, што се наоѓа во центарот на Магнитогорск, покрај станови за живеење, сместени се и канцеларии на неколку фирми и организации.

Поради инцидентот, во Магнитогорск, каде живеат над 415.000 лица, е прогласена вонредна состојба, а по наредба на рускиот претседател Владимир Путин во градот допатуваа и министерите за вонредни состојба и за здравство на Русија, Евгениј Зинчев и Вероника Скворцова.

Министерството за цивилна заштита, вонредни состојби и справување со последиците од елементарни непогоди информира дека студеното време ја отежнува спасувачката операција.

Според метеоролозите, во Магнитогорск денеска температурата е минус 17 Целзиусови степени, со ветер со брзина до два метри во секунда, но не се очекуваат снежни врнежи.