Судот во Мјанмар ја осуди соборената лидерка Аунг Сан Су Чи на четири години затвор, објавија агенциите. Владиниот портпарол изјави дека Су Чи добила две години затвор за поттикнување и две години затвор за кршење на мерките против ковид-19.

Тој изјави дека поранешниот претседател Вин Мајнт исто така е осуден на четири години затвор по истите обвиненија. Според неговите изјави тие се уште нема да бидат однесени во затвор.

„Тие ќе се соочат и со други обвиниенија“, додаде тој, без да даде други детали.

Су Чи се соочува со вкупно 11 обвинувања, кои таа ги негираше, со што е можно да остане во зад решетки до крајот на животот. Су Чи е во домашен притвор од февруари кога војската изведе државен удар, уривајќи ја нејзината избрана цивилна влада и затворајќи бројни лидери. Таа тогаш беше обвинета за корупција, бунт и за изборна измама.

Светските агенции цитираат извори запознаени со текот на судењата, кои исто така кажале дека поранешните функционери биле осудени на четири години затвор.

Ова е прв од десетиците случаи што војската на Мјанмар ги покрена против Су Чи откако ја презеде власта со воениот удар на 1 февруари.

Другите случаи против неа вклучуваат повеќекратни обвиненија за корупција, кршење на законите за државни тајни и законите за телекомуникации, од кои сите предвидуваат максимална затворска казна од повеќе од 100 години.