Авторка: Ебони Боуден

Њујорк пост

Хилари Клинтон собрала најмногу пари од осудениот силувач Харви Вајнстин од сите политичари и притоа ги негираше критиките со изјавата дека им давал пари на „сите“ демократи. Извештаите на Федералната изборна комисија (ФЕЦ) покажуваат дека посрамотениот филмски могул донирал 1,4 милиони долари за нејзината изборна кампања во 2016 година, а ѝ дал 73.390 долари уште во 1999 година за нејзината кандидатура за сенаторка на Њујорк.

Во вторникот, поранешната прва дама ја бранеше нејзината поврзаност со сексуалниот предатор, со тоа што брзо го пренасочи вниманието дека Вајнстин исто така ги финансирал кампањите на Барак Обама, Џон Кери и Ал Гор, поточно на сите демократи. Според податоците на ФЕЦ, основачот на „Мирамакс“ собрал донации од 72.100 долари за Обама, но за неговата кампања за реизбор од 2012 година издвоил 679.000 долари што е половина од средствата наменети за Клинтон.

Според Центарот за одговорна политика, донаторите се „лица кои имаат пријатели на високи позиции, кои откако ги исполнуваат личните квоти за донации, се свртуваат кон пријателите, соработниците и секој што сака да даде придонес во нечија кампања“. Дарежливите донатори исто така издвоија петцифрени бројки за демократските политичари како Кирстен Гилибренд (11.000 долари) која ја замени Клинтон како помлада сенаторка на Њујорк, како и Чак Шумер (14.200 долари), Кори Букер (17.800 долари) од Њу Џерси, Ричард Блументал (5.600 долари) од Конектикат и Патрик Лејхи (5.600 долари) од Вермонт. Демократскиот комитет исто така добил 305.149 долари од Вајнстин во 1994 година. Компромитираниот филмски продуцент вкупно донирал над 2,3 милиони долари во демократските кампањи.

Соочувајќи се со лавина критики по обвиненијата за сексуален напад против Вајнстин во 2017 година, демократите ветија дека ќе ги вратат парите и тоа во добротворни организации за жени. Портпаролите на Шумер и на Букер вчера потврдија дека ги вратиле парите од Вајнстин во фондациите за жени, а токму Букер избра да ги донира парите во Коалицијата против сексуално насилство врз жени од Њу Џерси. Во 2017 година, Гилибренд најави дека ќе ги донира 11.500 долари што ги добила од Вајнстин во РАИНН, најголемата група за борба против сексуално насилство во државата. Блументал и Лејхи исто така ги донираа парите во фондации за жени, како што соопштија нивните портпароли. Демократскиот национален комитет донираше 30.000 долари во групите за политичка акција.

Во интервју за „Си-ен-ен“ од 2017 година, Клинтон изјави дека не можела да ја врати целосната сума што Вајнстин ја донирал, но можела да издвои 13.000 долари за женска организација. Портпаролите на Џон Кери и Барак Обама вчера не беа достапни за коментар.

Во изминативе неколку дена, во центарот на вниманието се најдоа врските на Вајнстин со претседателскиот кандидат, милијардерот Мајк Блумберг, поради снимената порака во која силувачот обезбедува донации за градоначалничката кандидатура од 2005 година. Портпаролот на Блумберг сакаше да ја смири тензијата со тоа што порача дека Вајнстин бил добро познат по тоа што собрал „десетици милиони долари за жртвите од терористичкиот напад од 11 септември“ уште пред да се открие „вистината“ за неговото предаторско однесување.

Превод: Билјана Здравковска