Франција соопшти дека планира да воведе санкции кон Саудиска Арабија поради убиството на новинарот Џамал Кашоги.

– Франција дејствува во договор со Германија и ние многу брзо ќе донесеме решение за одредени санкции од наша страна, изјави францускиот министер за Европа и надворешни работи Жан Ив Ле Дриан за радиото Јуро 1.

Тој додаде дека целата вистина за случајот Кашоги треба да биде откриена.

Германија вчера нареди забрана за влез во земјата на 18 саудиски граѓани за кои се претпоставува дека се поврзани со убиството на Кашоги.

Саудиска Арабија е еден од најважните клиенти на француската одбранбена индустрија. Земјата од Франција минатата година увезе оружје во вредност од 1,38 милијарди евра.

Истовремено, саудискиот министер за надворешни работи Адел ал Џубеир оцени дека тврдењата, вклучително и тие на ЦИА, дека саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман дал наредба да се убие Кашоги, се невистинити, пишува арапскиот весник „Аш Шакр ал Аусат“.

– Ние во Кралството знаеме дека тие тврдења не се базираат на вистината и категорично ги отфрламе, рече Ал Џубеир.

Тој додаде дека ваквите тврдења кои, како што рече, не беа официјално објавени, се базирани на оценка, а не на убедливи докази.

Министерот посочи дека Ријад веќе побарал објаснување од Турција, односно од претседателот Реџеп Тајит Ердоган, за изјавата дека наредбата за убиството на Кашоги дошла од највисокото раководство на Саудиска Арабија.