Русија не им се заканува на САД на далечниот север, туку климатските промени

Автори: Роберт Дејвид Инглиш и Морган Грант Гарднер

Форин аферс

Преку една деценија, жестоките одбранбени политичари го креваа алармот за наводната руска супериорност и првична агресија на Арктикот. Претходните американски претседатели не наседнаа на замката, избегнаа конфронтација и ја прифатија соработката преку мултинационалниот Арктички совет кој беше формиран по крајот на Студената војна. Тие беа запознаени дека руските сили во регионот се одбранбено структурирани и послаби од периодот пред распадот на Советскиот сојуз во 1991 година, покрај напорите за нивна обнова што започнаа во средината на 2000-тите години. Претходните американски претседатели исто така беа запознаени дека американските и НАТО силите јасно имаа поголема контрола во Арктикот и дека предвидувањата за руска агресија, главно, се сметаа за предупредувања за закана од страна на аналитичари и од личните политички интереси.

Но администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп неодамна го прифати алармот за Арктикот со доза на одмазда. Таа ги подгреа стравовите за руска и кинеска „агресија“, ја исмеа деликатната дипломатија на Арктичкиот совет и усвои нов конфронтациски став. На овој начин им се приклучи на алармистите во три сериозни грешки: не успеа точно да ги оцени специфичните закани, не успеа да ги анализира противничките сили во однос на оние на САД и нивните сојузници и не успеа да го процени поширокиот стратегиски пејзаж, односно политичките, економските и еколошките фактори надвор од бојното поле. Повредата на овие три столба на внимателна процена ги влече САД кон непотребна конфронтација во регион каде што вистинскиот непријател не се духовите од Студената војна, туку неминовната еколошка катастрофа.

Новиот арктички аларм главно е фокусиран на „патот на мразокршачите“, односно идејата дека големата руска флота на мразокршачи претставува закана од поморска агресија. Со оглед на тоа што Русија има десет пати поголемо арктичко крајбрежје од САД и е околу 50 пати економски позависна од регионот, би било навистина чудно ако руската флота на мразокршачи не е поголема од онаа на САД. Сепак, некои арктички загриженици се залагаат за градење на огромна и дури нуклеарна американска флота на мразокршачи што би можела да ги придружува американските морнарички воени бродови во борби во рамки на Северниот Пол. Некои арктички воинствени политичари сметаат дека рускиот таканаречен борбен мразокршач е посебна закана, односно станува збор за брод „изграден посебно за арктички борби“. Ако стравовите за патот на мразокршачите делумно потекнуваат од преувеличување на руските капацитети, тие исто така одразуваат неуспех да се проценат таквите капацитети во однос на САД и на сојузничките сили.

Тревогата за Арктикот постои од пред една деценија покрај стравовите за руско „присвојување“ на подморските богатства на Северниот Пол. Денес, алармот исто така прерасна во стравови за руската способност да го протера НАТО од регионот. Пореална загриженост не е дека Русија ќе има целосна доминација, туку дека НАТО ќе ја изгуби. Минатата пролет, администрацијата на Трамп недвосмислено излезе со ставот за доминација. Таа ја осуди руската агресија, ја исмеа дипломатијата на Арктичкиот совет и дури ги омаловажи сојузниците како Данска затоа што ја отфрлиле понудата за да го купат Гренланд. Трамп неодамна соопшти можно присвојување на странски арктички бази и дополнителни нуклеарни мразокршачи. Неговата администрација исто така ја додаде Кина на листата на „арктички агресори“, затоа што скромните истражувачки и инвестициски проекти на Пекинг го поттикнаа алармот за „милитаризиран поларен пат на свилата“. Кина зависи од трговијата меѓу Азија и Европа, така што нејзиниот интерес за рутата во Северното Море и самопрогласувањето за „блиска арктичка сила“ се сосема оправдани, но сепак, второто тврдење особено го разгневи американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Една многу реална закана која идеолошки водената администрација на Трамп не ја препозна се климатските промени. Наместо уште една причина за натпревар со Русија, температурите кои растат на Арктикот ќе бидат појдовна точка за низата на еколошки, економски и здравствени катастрофи што ќе ги стават во втор план традиционалните политички и воени приоритети. На Арктикот катастрофално се забрзува нарушувањето на природата. Топењето на ледената обвивка ги изложува морињата на непредвидливи струи и силни бури со кои се бори крајбрежјето додека внатрешноста е под закана на неконтролирани пожари и со тонење на тундрата. Потребно е малку да се размисли, да се има само мал увид во она што веќе се случува за да се сфати како ова ќе им ги наруши плановите на арктичките воинствени политичари.

Игнорирајќи ја претстојната катастрофа, желбата на Трамп за доминација на Арктикот и пристапот до бескрајни извори на американска нафта потсетува на крстоносец од Средниот век, кој во обидот да ја прошири својата вера преку освојувачко патешествие, несвесно предизвикува чума која ќе ја покоси целата негова земја. Наспроти сето ова, баналностите на аналитичарите како Хедер Конли дека „државата која го контролира Арктикот, го контролира светот“, се екстремно ограничени. Климатски предизвиканите кризи целосно ги менуваат традиционалните идеи за политичко-воена контрола. Претстојната катастрофа може да се ублажи само со заедничка соработка. Мудроста на претходници нека ги води денешните лидери во спречувањето на трката за вооружување на Арктикот која само ќе ја забрза светската катастрофа.

Превод: Билјана Здравковска