Генералниот директор на СЗО истакна четири главни чекори на кои земјите треба да внимаваат при повторното отворање на општествата, но во Европа има нагорен тренд на случаи

Светската здравствена организација (СЗО) упати охрабрувачки знаци дека државите во Европа се подготвени да се справат со новиот бран регистрирани случаи на коронавирус откако беа укинати строгите мерки за движење, пренесува „Јуроњуз“. На прес-конференцијата за медиуми, Брус Ајлворд, високиот советник на генералниот директор на организацијата, нагласи дека сега земјите располагаат со „огромно“ знаење, капацитети и вештини во борбата со новите случаи, кои постепено се јакнеа по екот на пандемијата во март во Европа.
– Европа научи како да открие, изолира и да стави во карантин. Исто така се работеше на протоколи за воведување поединечни мерки, но во некои делови од Европа забележавме брзо враќање на претходната состојба и нагорен тренд на случаи. Сметам дека иако не сме целосно задоволни, сепак има охрабрувачки знаци дека овој наплив на случаи сега може многу побрзо да се стави под контрола отколку во пролетта, токму поради знаењето и капацитетите што беа изградени во меѓувреме – истакна тој.

Чекори во олеснување на мерките

Тедрос Гебрејесус, генералниот директор на СЗО, посочи дека постојат четири главни чекори што треба да се земат предвид за намалување на трансмисијата на вирусот и да се овозможи безбедно повторно отворање на општествата, како што соопштува „Јуроњуз“. Според здравствената организација, треба да се спречи зголемувањето на бројот на настани што се поврзуваат со големи групирања на луѓе, како што се стадионите, ноќните клубови и верските објекти. Гебрејесус инсистира дека постојат начини за безбедно да бидат организирани собири на некои места.
Втора клучна важност е да се намали бројот на смртни случаи кај ранливите групи, како што се постарите лица, хронично болните и суштинските работници, со што би се намалил притисокот врз здравствените системи. Третиот фактор се поединците што мора да ја одиграат својата улога во општеството со почитување на мерките за физичко дистанцирање, хигиена и носење маска.

Четвртиот чекор се владите, кои мора да се посветат на подготвување протоколи за откривање, изолирање, тестирање и третирање на заразените, но и следење на нивните контакти.
– Ако државите сериозно се посветени на враќањето кон нормалното функционирање, тогаш мора да бидат сериозни и во намерите за намалување на трансмисијата на вирусот и на спасувањето животи. Можеби навидум ова изгледа невозможно, но сепак не е така. Протоколите можат да се почитуваат, но само во земји што го ставија под контрола ширењето на коронавирусот – посочи Гебрејесус.

Дупки во здравствениот систем

Гебрејесус исто така ги нагласува тешкотиите со кои се соочуваат здравствените системи низ светот уште од почетокот на пандемијата. СЗО спроведе едно истражување базирано на извештаите од 105 земји во кои 90 отсто од нив имале нарушување на здравствените услуги.
Државите со ниски и средни приходи најмногу се соочиле со тешкотии, како што тој додава, со тоа што новонастанатата состојба се одразила врз рутинските и изборните услуги, како и третманите од клучно значење како скрининг и лекување на болните од рак и терапија за пациенти позитивни на ХИВ-вирусот. Функционирањето на службите за итна помош било нарушено во речиси една четвртина од испитаните земји.

– Истражувањето дава поглед на дупките во нашите здравствени системи, но исто така служи за информирање за нови стратегии со кои треба да се подобри здравствената нега во текот на пандемијата и откако таа ќе заврши. Ковид-19 треба да биде лекција за сите земји и дека не треба да има калкулации со здравството. Мораме подобро да се подготвиме за кризни состојби, но исто така да продолжиме со инвестиции во здравствените системи, кои целосно ќе одговорат на потребите на луѓето од сите старосни категории – истакна директорот на СЗО.