Се стравува дека околу 150 лица загинале во Индија кога се урнал дел од глечерот на Хималаите и удрил во брана, предизвикувајќи поплави. Морало да се евакуира локалното население од северот на оваа земја.
-Точниот број на мртви сè уште не е потврден, но се плашиме дека има меѓу 100 и 150 мртви – изјави локалната полиција за Ројтерс.

Очевидец рече дека видел ѕид од прашина, камења и вода, кога лавина се втурнала низ долината во реката.
– Сè се случи многу брзо, немаше време некој да биде информиран. И мислев дека таа маса ќе ме однесе – изјави за Ројтерс Санџај Синг Рана, кој живее во селото Рајни. Жителите стравуваат дека биле убиени луѓе кои работеле на изградба на блиска хидроцентрала, како и луѓе од блиското село кои воделе добиток кон реката.

– Немаме идеја колку луѓе навистина исчезнаа – додаде Рана.

На социјалните мрежи се појави видео од водата што носи делови од браната и сè што е пред неа.