Неизвесноста за последниот голем договор за нуклеарно разоружување наскоро може да заврши. САД и Русија го продолжија договорот Нов СТАРТ за контрола на нуклеарното оружје за пет години, а со тоа светот засега се спаси од атомско самоволие на суперсилите

Веста дека Русија и САД формално го продолжија договорот за контрола на нуклеарното оружје Нов СТАРТ за уште пет години, само неколку дена пред истекот на истиот тој, предизвика мноштво позитивни реакции на геополитичката сцена, а со тоа светот засега се спаси од нуклеарно самоволие на суперсилите. Ова, меѓу другото, го наведува угледниот магазин „Форин полиси“, кој во исто време оценува дека двете нуклеарни суперсили иако во моментов се дијаметрално спротиставени речиси во сите сегменти на геополитиката, тие сепак успеаја да најдат заеднички јазик за едно од најважните прашања на деценијата, а тоа е денуклеаризацијата. Токму во тој контекст администрацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден неодамна сигнализира дека сака продолжување на договорот, за да се избегне поништување на напредокот во процесот на денуклеаризација на двете светски сили, со евентуалното завршување на спогодбата што требаше да истече на 5 февруари.
– Продолжувањето на договорот ги прави САД и нивните сојузници и партнери и побезбедни. Неограничената нуклеарна конкуренција би нè загрозила сите нас – рече американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Кои се недостатоците на договорот Нов СТАРТ

Во меѓувреме критичарите на Нов СТАРТ имаат и аргументи. Според нив, спогодбата од 2010 година има и недостатоци. Таа не се однесува на т.н. „тактички нуклеарки“ и не го вклучува арсеналот на Кина. Договорот беше дискутиран пред Москва да ја претстави новата генерација на хиперсонични ракети, интерконтиненталната балистичка ракета „сармат“ и други оружја што можат да го победат кој било одбранбен систем што ќе им се спротивстави. Критичарите тврдат дека механизмите за верификација на СТАРТ претрпеле штета преку пропаѓањето на договорот за уништување на нуклеарното оружје со краток и среден дострел (ИНФ) во 2019 година. Според „Форин полиси“, нуклеарниот арсенал на Русија и на САД низ годините се намалил од 40 илјади, односно 24 илјади боеви глави на денешните 1.550 што ги поседува секоја страна, во рамките на Нов СТАРТ.
– Откако Русија го потпиша договорот, сегашните цифри ќе опстанат. Можеби се чини дека Вашингтон го слави договорот, но идејата за спас на Нов СТАРТ имаше и противници во десницата, чија агенда беше да се дозволи договорот да истече и да се вложат милијарди долари во проширување и модернизација на американскиот нуклеарен арсенал. Поранешниот национален советник за безбедност на Доналд Трамп, Џон Болтон, на пример, го нарекува продолжувањето на Нов СТАРТ, како и на другите договори за вооружување склучени со Русија „рај за будали“ – стои во анализата на американскиот магазин.

Избегната трка со ново вооружување

Во исто време „Нешнал интерест“ наведува дека администрацијата на Бајден се надева оти петгодишното продолжување ќе се справи и со недостатоците на спогодбата и ќе придонесе за избегнување на трка во вооружување во иднина. Засебните разговори со Кина, како и со Индија, Пакистан, Франција и со Велика Британија, според медиумот, ќе се водат со намера за проширување на договорот во годините што следуваат.
Инаку, договорот Нов СТАРТ стапи во сила на 5 февруари 2011 година и со него се ограничува нуклеарниот арсенал на Русија и на САД на 800 системи-носачи и 1.550 атомски боеви глави подготвени за активирање. Договорот прво беше склучен за период од 10 години, со можност за продолжување. Во меѓувреме владата на Доналд Трамп, и покрај повеќемесечните жилави преговори, не можеше да постигне договор со Москва за продолжување на договорот до последен момент. Од руското министерство за одбрана постојано беше посочувано дека преговарачката линија на Трамп била агресивна и контрапродуктивна. Американските медиуми информираа дека камен на сопнување било инсистирањето на САД за „замрзнување“ на бројот на сите атомски боеви глави. Интересно за потсетување е дека Русија и САД заедно поседуваат околу 90 отсто од вкупното нуклеарно оружје во светот.


Резултатите од студијата на универзитетот „Оксфорд“, кои сè уште не се официјално претставени, укажуваат дека вакцината може значително да влијае врз трансмисијата на вирусот, како што пренесе „Би-би-си“. Ова значи дека вакцината може да има поголемо влијание врз пандемијата, затоа што секое лице што ќе се вакцинира индиректно штити и други околу себе. Студијата покажа дека вакцината на „Оксфорд“ и „Астра Зенека“ нуди 76 отсто ефикасна заштита само со една примена доза во рок од три месеци. Со задржување на истата заштита во овој временски период, истражувачите истакнаа дека резултатите го потврдуваат сегашниот начин на давање на двете дози во временско растојание од четири до 12 недели. Ефикасноста на вакцината се зголемила и по 12-та недела пред давањето на втората доза. Кога се давала втората доза, студијата открила дека нивото на заштита од вакцината на „Оксфорд – Астра Зенека“ се зголемило до 82 отсто, соопштија од „Би-би-си“.