Американскиот претседател, Џо Бајден, објави дека американската воена мисија во Ирак ќе заврши до крајот на годинава и посочи дека оваа одлука ја рефлектира реалноста на теренот повеќе отколку големите промени во надворешната политика на САД.

Ова соопштение од претседателот на САД следи по одлуката за повлекување на американските сили од Авганистан, по 20 години воен ангажман.

Американската воена интервенција во Ирак и Авганистан чинеше многу пари и ја спречи Америка да посвети поголемо внимание на сѐ посилната Кина, за што администрацијата на Бајден смета дека е најголемиот долгорочен безбедносен предизвик, објави „Асошиејтед прес“.

Зборувајќи пред новинарите за време на состанокот во Овалната соба со ирачкиот премиер Мустафа ал-Кадими, Бајден рече дека неговата администрација останува посветена на партнерството со Ирак.