САД и Северна Кореја постигнаа договор за формирање на работни групи за технички прашање, вклучително и за мерките што ќе треба да ги преземе Пјонгјанг за откажување од неговата нуклеарна програма, соопшти портпаролката на Стејт Департментот, Хедер Нојерт.

Догворот е постигнат на вториот ден од посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео на Пјонгјанг.

Според Нојерт, Помпео на средбите со неговите севернокорејски домаќини нагласил дека целта на САД е целосна денуклеаризација на Северна Кореја.

Од најавта на средбата меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, што се одржа минатиот месец во Сингапур, Северна Кореја не изврши ниту еден ракетен или нуклеарен тест, но сателитските снимки на американското разузнавање укажуваат дека Пјонгјанг и натаму работи на модернизација на својот нуклеарен комплекс во Јонгбјон.

Помпео вчера на првиот ден од посетата на Пјонгјанг се сретна со севернокорејскиот функционер Ким Јонг-чол, со кого покрај за начините за ликвидирање на нуклеарната програма на Северна Кореја, разговараше и за враќање на посмртните останки на американските војници кои загинале за време на Корејската војна во 50-те години на минатиот век.

Ким Јонг-чол, кој е поранешен началник на севернокорејското разузнавање, имаше клучна улога во организирањето на средбата меѓу Трамп и Ким Џонг-ун во Сингапур.

Помпео денеска од Северна Кореја ќе отпатува за Токио, каде ќе ги информира јапонските и јужнокорејските власти за текот на разговорите во Пјонгјанг.