Автоматската пушка „ак-203“ ќе ја замени стандардната лесна автоматска пушка (ИНСАС) што ја користи пешадијата во индиската армија. Рускиот „калашников“ ќе се произведува во фабриката за оружје во градот Корва во Утар Прадеш, која лани свечено ја отвори индискиот премиер Нарендра Моди.
Пушката ќе чини околу 1.022 долари со вклучена технологија на трансфер и лиценцирање. Лани, армијата по брза постапка набави 72.000 пушки од американскиот производител на оружје „СИГ сауер“. Според индиски „Економик тајмс“, цената на американската автоматска пушка изнесувала околу 1.218 долари.
Генералот на индиската армија, Маноџ Мукунд Нараване, неодамна изјави дека договорот со Русија наскоро ќе се финализира. Според договорот, одборот на државната индиска фабрика за производство на оружје ќе учествува со мнозински удел од 50,5 отсто од заедничкиот влог на двете држави за производство на „калашников“ во фабриката во Корва. „Концернот калашников“ ќе има удел од 42 отсто, а државната „Рособоронекспорт“ ќе ги поседува преостанатите 7,5 отсто.