Бројот на престрелки се зголемува во Шведска и покрај националните напори да се спречи насилството меѓу бандите во екот на епидемијата на коронавирус, пренесува СВТ.

Иако од 1 јануари до 15 април годинава се застрелани вкупно 15 лица во земјата со над 10 милиони жотели, што е целосно споредливо со истиот период лани, вкупниот број на престрелки и повредени, 86 и 32, се зголемил.

Овој неповолен тренд продолжува и покрај националната кампања за спречување на насилството меѓу бандите- во тек е „Операција Харфрост“. Нејзината цел е да се намали насилството со ставање под притисок на криминалните банди.

– Можам со сигурност да кажам дека спречивме сериозни насилнички злосторства, затоа велам дека го намаливме смртоносното насилство – вели Стефан Хектор, национален командант на операцијата „Харфрост“, за СВТ.

За време на операцијата „Харфрост“, што критичарите ја нарекоа „операција Снегулка“, полицијата спроведе стотици претреси во куќи, заплени 545 парчиња оружја, 100 килограми експлозив, 2,3 милиони шведски круни во готово (околу 200.000 долари) и уапси повеќе од 200 лица за разни кривични дела.

Полицијата исто така посочи дека епидемија на коронавирус, спротивно на очекувањата на некои луѓе, немала големо влијание врз криминалот. Ова веројатно се должи на фактот дека Шведска, за разлика од повеќето европски нации, не воведе режим на ограничено движење.

Дури и протокот на дрога не е нарушен во голема мера, вели полицијата. Сепак, сè уште постои ризик дека намалениот пристап до дрига може да го зголеми насилството.

– Видовме дека во случаи кога снабдувањето со дрога се намалува, стануваме сведоци на изнудувањето како метод за добивање пари во криминалната средина. И тоа обично се спроведува преку насилство – рече Хектор.

Во последните години, бомбардирањата и пукањата толку редовно ги нарушуваа мирот на најголемите градови во земјата, како Стокхолм, Гетеборг и Малме, што локалното население се навикнало на тоа.

Дури и шефот на шведската полиција, Андерс Торнберг, го нарече насилството меѓу бандите  „ново нормално“ и им рече на своите сонародници да се навикнат на тоа. Според него, смртоносните престрелки се тесно поврзани со трговијата со дрога.

Една студија од 2018 година покажа дека ризикот да станете жртва на насилство од огнено оружје е зголемен за петпати од 1996 година, а вината се префрла на недоволните напори за спречување на криминалот. Истата студија заклучи дека стапката на насилство со огнено оружје во Шведска е 10 пати поголема отколку во Германија.