Фото: Раша Бијонд

Закотвена во малиот арктички град Певек, првата пловечка нуклеарна централа „Акедемик Ломоносов“ претставува знак за остварувањето на амбициите на Русија, пишува „Фајненшл Тајмс“.

Пристаништето на северниот брег на Сибир некогаш беше советски гулаг, но сега е дел од планот на Москва за отворање на голем поморски пат преку Арктикот со цел за поголем пристап до природни ресурси.

Пристаништето во Певек е наменето да стане центар на т.н. рута на Северното Море, а електричната енергија овозможена од „Академик Ломоносов“ треба да придонесе за Певек да стане своевидна порта кон Чукотскиот автономен округ, регионот блиску до Алјаска кој е богат со злато, сребро, бакар, литиум и со други метали.

– Без рутата на Северното Море, без пристаништето, не би го имало ниту Певек – кажа во неодамнешно интервју Максим Зурбин, заменик-градоначалникот на арктичкиот град.

Развојот на рутата на Северното Море е под надлежност на руската државна нуклеарна корпорација „Росатом“ , исто како и функционирањето на „Академик Ломоносов“, односно на мразокршачите од кои компанијата очекува да ја отворат арктичката навигација до средина на деценијава.

При функционирањето во потполен капацитет, кое се очекува до 2023 година, предвидено е нуклеарната електрана во Певек да напојува повеќе проекти за снабдување со природни ресурси.

„Росатом“ планира инсталација на уште четири пловечки нуклеарни централи до крајот на деценијава низ Заливот Чаунскаја.

Развојот на Чукотскиот автономен округ, како и на остатокот од Арктикот е долгорочна цел за рускиот претседател Владимир Путин и за Русија, која неделава е домаќин на пленарниот состанок на Арктичкиот совет во кој се застапени осум држави од регионот, заклучува „Фајненшл тајмс“.