Повеќе од 1.000 новинари аплицираа за акредитација за состанокот меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Џо Бајден што ќе се одржи во Женева на 16 јуни, изјави за ТАСС портпаролот на Министерството за надворешни работи на Швајцарија, Пјер-Ален Елтшингер.

– Повеќе од 1.000 новинари поднесоа апликации. Швајцарското Министерство за надворешни работи продолжува да ги проверува добиените информации, со цел што побрзо да се заврши процесот на акредитација – нагласи Елтшингер.

За да добијат пристап, медиумските работници мора да имаат потврда за вакцинација одобрена од Швајцарија, Европската унија или Светската здравствена организација, негативен ПЦР тест или доказ дека прележале ковид-19.