Експертите од САД открија тајна локација која наводно служи како седиште во кое Северна Кореја развива и чува програми за балистички ракети, пренесува „Гардијан“. Сознанијата за ваква локација доаѓаат неколку недели пред најавената средба на лидерот на земјата Ким Јонг-ун и претседателот на САД, Доналд Трамп, кои се очекува по вторпат да се сретнат и да разговараат за денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

Локацијата Сино-ри се смета дека е еден од 20 вакви центри за баличстички ракети кои Северна Кореја се обидува да ги сокрие од светската јавност, а во нив се развиваат и кријат Нодонг ракети со среден домет кои би можело да се користат за стандардни и нуклеарни напади врз Јужна Кореја, Јапонија и територијата на САД, Гуам, информираат од Центарот за стратешки и интернационални студии во Вашингтон (ЦСИС).

Во анализата на Виктор Ча од ЦСИС дополнително стои дека од оваа локација се совпаѓа со нуклеарниот план на Северна Кореја и дека од таму би можело да се лансираат најразлични видови на ракети.

Откритието за оваа локација ги отвори прашањата за намерите на Северна Кореја, откако високи претставници на земјата во Шведска се сретнаа со претставници на САД за да ја договорат средбата на двата лидери на крајот од феврувари оваа година, најверојатно во Виетнам.

Односите на САД и Северна Кореја стагнираат уште од претходната средба на Трамп и Ким во Сингапур минатиот јуни, кога Ким вербално вети дека ќе се посвети на денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

Во извештајот на ЦСИС се вели дека Северна Кореја не ја вклучила оваа база во преговорите за денуклеаризација и дека светските власти немаат никакви сознанија за ова место.

Лоцирана на 212 километри од демилитаризираната зона која ги дели двете Кореји, комплексот Сино-ри се простира на 18 квадратни километри и постојат сознанија дека на локацијата има Нодонг-1 ракети со среден домет.

Високи претставници од безбедносните сили на Јужна Кореја потврдија дека нивната војска заедно со онаа на САД ја следеле оваа локација, заедно со уште неколку други на кои се смета дека исто така има балистички ракети и нуклеарно оружје.