Поранешниот француски претседател Никола Саркози беше осуден за обвиненијата за корупција што претставуваше потрес за неговите конзервативни сојузници, како и силен удар на надежите за негов политички камбек, пишува „Политико“.

Саркози кој ја извршуваше претседателската функција од 2007 до 2012 година беше обвинет дека му понудил исплатлива работа на судија за возврат до пристапот до поверливи информации поврзани со друго судење со кое со соочувал. Саркози ги негираше овие обвиненија.

Судот во Париз го осуди на една година затвор и две години условно, иако е малку веројатно дека ќе биде затворен, бидејќи казната може да биде отслужена во домашен притвор. Станува збор за прва затворска казна за поранешен француски претседател, откако Жак Ширак доби одложена казна во 2011 година. Адвокатката на Саркози најави дека ќе поднесе жалба на пресудата.

– Претседателот е смирен и решителен. Ќе се залиме, тој се изјаснува како невин. Немаме сомнеж дека апелациониот суд ќе ја поништи пресудата – кажа адвокатката Жаклин Лафон во изјава за медиумите.

Пресудата им зададе удар на сојузниците на Саркози во конзеративнат Републиканска партија кои редовно ја истакнуваа можноста за враќање на Саркози во политиката на претседателските избори во 2022 година. Претседателот на партијата Кристијан Жакоб, кажа дека пресудата била „апсолутно диспропорционална и дека го разоткрива прогонот на Саркози од страна на судскиот систем“.

Саркози доби јавна поддршка и од Мишел Барние, поранешниот главен преговарач на ЕУ за брегзит, како и од Бруно Ретајо, претседателот на републиканците во Сенатот.

Но, дел од сојузниците на Саркози признаа дека осудителната пресуда ќе ги урне неговите обновени претседателски амбиции, уште пред нејзиното соопштување.

– Ако биде осуден, веќе нема разговор за претседателската кандидатура – истакна анонимно еден од нив за „Политико“.

Саркози и неговите поддржувачи тврдеа дека судењето било засновано врз лаги и оти било политички мотивирано. Обвинувањата за корупција против поранешниот претседател произлегоа откако истражителите ги прислушуваа разговорите помеѓу Саркози и неговиот адвокат Тјери Херцог во рамки на истрагата за обвиненијата за финансирање на претседателската кампања на Саркози во 2007 година од страна на Либија.

Саркози следниот март повторно треба да се појави пред судот за соочување со обвиненијата за прекршување на правилата за финансирање на кампањата за време на претседателските избори во 2012 година.