Поранешниот американски претседател Барак Обама беше честа цел на овие лажни видеа

Во денешно време, настаните претставени во реалистични или звучни видеа и аудио-снимки не е потребно вистински да се случат. Наместо тоа, тие можат да бидат генерирани од моќни компјутери и софтвер-програми. Терминот кој се користи за овие компјутерски продукции е „дипфејк“, пренесува британски „Економист“.

„Дипфејк“ се користи за компјутерско создавање на лажни вести.

– И покрај претпоставката за вистинитост, што на сите фотографии им дава автентичност, интерес и привлечност, работата на фотографите не претставува никаков исклучок од вообичаените матни зделки помеѓу уметноста и вистината – напиша Сузан Сонтаг, американска писателка, режисерка и политичка активистка.

Терминот за првпат се појави на „Редит“, платформата за размена на пораки, како корисничко име на профил на кој се објавуваа лажни видеа од славни жени прикажани во сексуални односи.

Група од повеќе луѓе се заангажира околу креирањето на овие видеа, создавајќи софтверски алатки кои му овозможуваат на секого автоматски да постави нечиво лице на друго тело. „Редит“ ја затвори групата, но технологијата веќе беше широко распространета и за многу кратко време започна да се применува на политички фигури и актери.

Поранешниот американски претседател Барак Обама беше честа цел на овие лажни видеа. Исто така глобално се рашири и видеото во кое ликот на актерот Џим Кери е поставен врз Џек Николсон во филмот „Сјаење“.

Меѓу познатите жртви на „дипфејк“ беа и рускиот претсдател Владимир Путин, творецот на Фејсбук Марк Закерберг, славните актери Том Круз и Арнолд Шварценегер, како и актерките Скарлет Јохансон, Гал Гадо, Мила Кунис, Ема Вотсон…