Портпаролката на Навални тврди

Заводот за извршување на кривични санкции во Русија објави дека опозиционерот Алексеј Навални, кој беше уапсен синоќа на враќање од Германија на аеродромот Шереметјево, ќе биде во затвор до следната судска одлука. Службата објави дека за Навални е распишана потерница на 29 декември минатата година, за „повеќекратно кршење на правилата“ додека тој беше под условна казна.

„Понатамошната мерка ќе ја одреди судот, а дотогаш тој ќе биде во затвор“, се наведува во соопштението.

Портпаролката на Навални, Кира Јармиш на Твитер изјави дека на Навални не му била соопштена причината за апсењето при пасошката контрола и дека ниту неговата сопруга Јулија и неговиот адвокат не смееле да одат со него.

„Што се случува со него и каде го одведоа, не знаеме“, изјави таа.

Противникот на Кремљ престојуваше во Германија, каде беше префрлен во август откако му се слоши за време на лет кон Сибир. Лабораториите во Западна Европа заклучиле дека Навални бил отруен со нервен агенс новичок. Навални го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека нарачал негово труење и убиство. Кремљ ги негираше обвинувањата.