Напаѓач со лак и стрела изврши терор во Норвешка

Триесет и седумгодишен Данец, осомничен за убиство на пет луѓе во Норвешка, е лицето што е уапсено од страна на полицијата вчера, откако тој во средата навечер уби повеќе луѓе стрелајќи кон нив без никаква причина со лак и стрела.
Како што јавија норвешките медиуми, станува збор за Рајнер Винкларсон, лице што се преобратило во ислам, кој, според новинските извештаи, можно е да бил под влијание на радикални ставови.
Шефот на регионалната полиција, Оле Бредруп Северуд, вчера изјави дека полицијата последен пат била во контакт со него минатата година. Според Северуд, напаѓачот бил уапсен 35 минути по почетокот на нападот во еден супермаркет и бил испрашуван неколку часа во текот на ноќта.
– Претходно постоеја стравувања поврзани со радикализација – изјави за новинарите Саверуд, додавајќи дека полицијата го следела во 2020 година.
Како што јавуваат медиумите, жртвите се на возраст од 50 до 78 години. Засега нема информации која му била намерата на Данецот и зошто се одлучил на ваков чекор.
Инаку, ова е втор голем напад во Норвешка по 2011 година, кога десничарскиот екстремист Андерс Беринг Брејвик уби 77 луѓе, од кои повеќето тинејџери во младински камп.