Морнарицата на Чиле беше распоредена на местото каде што вчера се излеаја 40.000 литри нафта во водите на јужен Пацифик, по инцидент на терминалите на рударска компанија на островот Патагонија, пренесува „Дојче веле“.

Чилеанската морнарица вчера го потврди истекувањето на нафтата и соопшти дека тимот за спречување на контаминација бил распореден на местото на настанот. Војската испрати брод и океански патролен брод во водите во близина на Патагонскиот остров Гварело, кадешто е лоциран копнениот терминал на компанијата ЦАП.

– На единиците им беше наредено веднаш да се распоредат во областа и да извршат увид на местото, за да се контролира и ублажи можната штета предизвикана од инцидентот – соопштија од морнарицата.

Причината за инцидентот не беше веднаш јасна.

Нафтата се излеала во зоната која спаѓа во подрачјето со најчиста вода на планетата и е со богати морски екосистеми.

Во соопштението на компанијата ЦАП стои дека излевањето е запрено. Компанијата соопшти дека инсталирала контејнерски ракави во областа и веднаш почнала да ја отстранува нафтата од засегнатиот залив.