Британската премиерка Тереза Меј предупреди дека сѐ поголем е ризикот Британија да не излезе од Европската Унија, како што тоа го побараа поголемиот број гласачи на референдумот во 2016 година. Меј викендов порача дека сега постои јасен избор помеѓу брегзит со договор и опцијата со која воопшто нема да дојде до напуштање на ЕУ, пишува „Обсервер“.

– Бидејќи парламентот покажа дека ќе го спречи излегувањето на Британија без договор, сега имаме јасен избор: да ја напуштиме Унијата со договор или воопшто да не ја напуштиме. Што сѐ повеќе се развлекува сето тоа, поголем е ризикот Обединетото Кралство воопшто да не излезе од ЕУ – истакна шефицата на британската влада.

Меј во петокот испрати писмо до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, барајќи одложување на брегзит до 30 јуни, за да им овозможи на поделените пратеници да го усвојат договорот за брегзит. Таа додаде дека во случај на постигнување договор пред тој датум, Британија предлага предвремено завршување на тоа одложување.

Висок претставник на ЕУ претходно изјави дека Туск најверојатно на Британија ќе ѝ понуди флексибилно продолжување на рокот за брегзит, со можност земјата да излезе и порано. Според претставникот, оваа опција би можела да ѝ биде претставена на Меј на самитот на ЕУ за брегзит на 10 април во Брисел. Доколку британската премиерка го прифати тоа, Британија ќе мора да учествува на изборите за Европскиот парламент.