Германската канцеларка Ангела Меркел во телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, побарала Русија да го намали бројот на неодамна ангажираните воени трупи близу источна Украина, се вели во соопштение на германската влада.

Меркел, исто така, го покренала и прашањето во врска со затворениот опозиционер, Алексеј Навални, кој моментално е болен во затвор и кој бара пристап до независен медицински третман, пренесува „Ројтерс“.

– Меѓу другото, разговорот беше и за зголеменото руско воено присуство во околината на источна Украина. Канцеларката побара да се намали оваа акумулација на трупи за да се смири ситуацијата – се додава во соопштението.

Во телефонскиот разговор со канцеларката, рускиот претседател изразил загриженост за ескалацијата на тензиите во Донбас и ја обвинил Украина за провокаторски активности во тој регион.