Варшава – Полска објави дека воведува ограничувања во целата земја бидејќи новите дневни случаи со коронавирус достигнаа највисоко ниво оваа година. Театрите, трговските центри, хотелите и кината ќе бидат затворени од сабота, рече министерот за здравство Адам Ниедзиелски на прес-конференција. Земјата со 38 милиони жители вчера пријави 25.052 случаи на ковид-19 на дневно ниво. Полска има 1.956.974 случаи на заразени од коронавирус и 48.032 смртни случаи.

Виена – Иран започна со збогатување ураниум во својата подземна фабрика во Натанц со употреба на напредни центрифуги, што претставува последно кршење на нуклеарниот договор со светските сили во 2015 година, соопшти Виенската меѓународна агенција за атомска енергија (ИААЕ). Во исто време претседателот Џо Бајден, кој ја презеде функцијата од Трамп во јануари, посочи дека е отворен за можни преговори за враќање на САД на договорот, но бара Иран најпрво да се врати на своите обврски.

Вашингтон – Веќе напнатите односи меѓу Русија и САД стануваат уште потензични, откако претседателот Џо Бајден сугерираше дека рускиот претседател Владимир Путин наскоро „ќе плати цена“ за наводно мешање во изборите во САД, а Русија го повика својот амбасадор во Америка назад во Москва на консултации. Неколку часа подоцна, Русија објави дека го повикала својот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, на консултации во Москва.

Москва – Русија деновиве е домаќин на конференција за унапредување на мировниот процес во Авганистан, со учество на високи делегации на талибанците и на авганистанската влада, како и на САД, Пакистан и Кина. Состанокот доаѓа откако Џо Бајден предупреди дека ќе биде тешко за САД да го испочитуваат рокот утврден со договорот меѓу Вашингтон и талибанците за повлекување на американските сили до 1 мај. Овој договор беше потпишан лани, за време на последната година на администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп. Бајден изјави дека не било „солидно преговарано“.