Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, го осуди договорот за нормализација на односите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел на заедничката средба на палестинското раководство во вторникот навечер и ги повика другите земји да се држат до предлогот од 2002 година со кој се условуваат врските со Израел со создавање палестинска држава, пренесува „Тајмс оф Израел“ .

– Ова го сметаме за нож во грбот и апсолутно го отфрламе – рече Абас.

Абас изјави дека ОАЕ извршиле удар врз палестинското прашање. Тој на состанокот во седиштето на палестинската управа во Рамалах остро го критикувше неодамнешното склучување на договорот за нормализација на односите помеѓу Емиратите и Израел.

Истакнувајќи дека за палестинското прашање може да говорат само Палестинците, Абас рече дека ОАЕ се обидуваат да го претстават тој договор како голем успех во борбата против израелскиот план за анексија на палестинската територија.

– Вие не можете да го заземете нашето место. Палестина зборува од свое име. Таа е која ќе каже „да“ или „не“. Вие не сте одговорни за палестинската кауза, само ние Палестинците ќе зборуваме од име на палестинската кауза. Го претставуваат договорот како анексијата да го содржи комплетното палестинско пршање. Тоа е неприфатливо залажување. Тоа го сметаме за голем удар врз палестинското прашање – рече Абас.

Нагласувајќи дека Палестинците се единствени во тешки ситуации и дека, и покрај меѓусебните разлики, сите палестински групи стануваат против оние кои против нив прават заговор, Абас рече дека целиот свет ја поддржал Палестина наспроти американскиот таканаречен мировен план на векот.

– Договорот за нормализација е наводно склучен врз база на Арапската мировна иницијатива од 2002 година, но таа иницијатива налага арапските земји да не ги нормализираат односите со Израел сè додека не се реши палестинското прашање – рече Абас.

Минатата недела, ОАЕ и Израел соопштија дека постигнале договор за нормализација на билатералните односи. Претседателот на САД, Доналд Трамп, лично соопшти дека ОАЕ и Израел постигнале договор во потполност да ги нормализираат билатералните односи. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека тоа е историски успех.

ОАЕ станаа трета земја која со Израел постигна договор за нормализација на односите, а претходно тоа го направија Египет (1979) и Јордан (1994).

Палестинското раководство, вклучувајќи ги движењата Фатах, Хамас, Исламски џихад и Народен фронт за ослободување на Палестина, е согласно дека договорот за нормализација на односите помеѓу ОАЕ и Израел претставува големо предавство.