Фелисиен Кабуга беше во бегство две децении поради неговата улога во геноцидот во Руанда од 1994

Тој беше еден од најбараните луѓе во светот, кој избегнуваше апсење повеќе од 25 години поради неговата наводна улога во геноцидот во Руанда, пишува „Фајненшл тајмс“. Но, Фелисиен Кабуга неделава се појави на суд откако беше уапсен во рација во стан во Париз, од страна на француската полиција.

Една од најдолгите потери заврши со Кабуга во притвор. Тој беше обвинет во 1997 година врз основа на обвинение од седум точки за геноцид, поради неговата наводна вмешаност во убиството на повеќе од 800 илјади луѓе во 1994 година, главно припадници на народот Тутси. Но, наспроти наградата од пет милиони долари за негово апсење понудена од САД, тој ја избегнуваше правдата во текот на две децении.

Некогаш еден од најбогатите луѓе во Руанда, во 1994 година Кабуга беше косопственик на радио-телевизија чии радио објави, како што наведуваат обвинителите, биле во координација со убиствените напади на народот Хуту поддржани од владата, чија цел била малцинската популација на Тутси во текот на крвавите 100 дена. Кабуга наводно лични повикал на истребувањето на етничките Тутси за време на состаноците одржани неколку месеци пред геноцидот, и исто така помогнал во финансирање на убивањето, споде обвиненијата против него.

– Често го гледав наутро, кога шеташе со мали чекори. Често носеше шешир и ракавици – кажа Себастијан Тран, сосед кој живеел во близина на станот каде што Кабуга бил уапсен.

Меѓународниот суд на Обединетите нации кој го презема случајот во 2015 година, откако судот оформен за геноцидот во Руанда беше затворен, побара случајот на Кабуга привремено да биде предаден на неговата гранка во Хаг.

Полициските агенции и обвинителства од девет држави придонесоа за апсењето. Адвокатот на Кабуга неделава им кажа на француските медиуми дека тој е невин додека не се докаже спротивното.

Полковникот Ерик Емеро, првиот човек на француската единица задолжена за геноцид и воени злосторства, кажа дека првата дојава која сугерирала оти Кабуга е во Белгија или во Франција дошла од британската полиција на состанок помеѓу властите на двете држави на почетокот од годинава.

Британските власти приметиле дека едно од возрасните деца на Кабуга честопати патувало од Обединетото Кралство во Франција и во Белгија. Користејќи ги податоците од телефоните, француските влсти влегле во трага на вообичаените посети во предградието каде што Кабуга бил уапсен.

– За нас, меѓу најбараните луѓе на планетата, имаше двајца. Вие го имавте Осама бин Ладен кој сега е мртов, А тука беше и Фелисиен Кабуга, бројот два – кажа Емеро.

Неговото ненадејно апсење, откако многумина луѓе од Руанда ги загубија надежите за добивање правда, отворија прашања за начинот на кој тој им бегал на властите со години, сообено бидејќи живеел во еден од најголемите европски градови.

Поранешниот шеф на разузнавањето на Руанда кој стана лидер на опозицијата и сега живее во егзил во Јужна Африка, Кајумба Нијамваса, кажа оти Кабуга по геноцидот избегал во Кенија, каде што имало неколку обиди за негово апсење.