Спротивно од светската практика видлива во повеќе локации во Јужна Америка каде што со поддршка на Вашингтон опозиционерите главно успеваа да ги соборат властите во државите поради наводното лошо владеење, во Куба се случи нетипичен развој на настаните, каде што поради вмешаност на Кина и на Русија, Америка ја откажа „љубовта“ кон опозициските сили во земјата

Хавана старо-ново поле за конфронтација на големите сили

Што го натера Вашингтон да ја откаже поддршката на опозиционерите во Куба? Дали сето тоа се должи на незаинтересираноста на Америка во моментов по ова геополитичко прашање, кое се одвива во непосредна близина на нејзините граници, или последиците се резултат на засилената интервенција и помош на Русија и на Кина на страната на актуелните власти во Хавана. Овие дилеми и слични на нив се актуелни во моментов во светската јавност, откога властите во Куба по неколкунеделните антивладини протести на опозицијата во земјата успешно го „задушија“ револтот на опозиционерите низ кубанските улици.
На оваа тема пишува и францускиот медиум „Ле Фигаро“, кој изнесува интересни информации и факти зошто опозицијата, која се надеваше на поддршката на САД, беше практично извисена во последен момент.
Имено, според францускиот медиум, Соединетите Американски Држави официјално се повлекоа од гореспоменатите настани поради неколку причини, кои би можеле да влијаат на безбедноста на Америка во овој момент.
Медиумот наведува дека Вашингтон стравува од наводна поголема дестабилизација на Куба, која би можела да генерира бран мигранти кон границите на САД, појава што Америка сака да ја избегне по секоја цена во овој момент. Следно, како што пренесува медиумот, Хавана во меѓувреме доби огромна помош и поддршка од нејзините традиционални сојузници, како Русија, Кина, Иран, Венецуела и Северна Кореја, кои се во состојба да направат сѐ да се „скрши“ револуцијата во Куба. Она што е најинтересно, според францускиот медиум, е тоа што сѐ поотворената реторика на Москва дека ќе инсталира свои воени бази на Куба најмногу ги „исплаши“ Американците.

– Кубанците се надеваа на интервенција и помош од странство. Тие сами се беспомошни пред државата. Во исто време, Куба со години ја има поддршката од Русија и армијата на Венецуела, кои беа на штрек да интервенираат доколку дојде до промена на власта во Хавана. Сево ова за Кубанците направи да престанат масовно да протестираат на улиците. Но ако се сака револуција и смена на власт како оваа, невозможно е тоа да се случи без оружје – оценува аналитичарот Хектор Лемиух. Според него, по повеќе од неколку недели од антивладините протести, кои започнаа на 11 јули, сега во речиси педесет града и села во Куба владее ред.
Во меѓувреме, други француски медиуми пишуваат дека реториката на Кина за случувањата во Куба е слична на руската. Пекинг, исто така, го осуди секое мешање во кубанските работи од страна на Америка.
– Американското ембарго е главна причина за проблемите како што се недостиг од лекови и прекин во електрична енергија во Куба. Доколку Вашингтон престане со санкциите кон оваа земја, работите ќе се нормализираат веднаш – изјави минатата недела претставник на кинеското министерство за надворешни работи.
Во исто време, западните медиуми забележуваат дека Куба служи како отскочна штица за дејствата на Пекинг низ Карипскиот Регион и Централна Америка. Според пишувањата, Кина е главниот инвеститор во Куба од 2017 година. Ако од средината на 2000-тите години, Кинезите се занимаваа со градење инфраструктура и снабдување со автобуси и автомобили, тие од неодамна сега се фокусираа на високата технологија. Пример за тоа е воспоставувањето на мрежата за интернет во земјата, која беше направена со помош на кинески „Хуавеи“. Од друга страна, во однос на прашањето за воената соработка, Кина негира дека има каква било врска со опремувањето на кубанските бази и градењето радари за надзор во земјата. Но некои експерти веруваат дека благодарение на нив, Пекинг бил на само 150 километри од американската база во Ки Вест во Флорида.

Според француските медиуми, некои руски аналитички кругови, пак, тврдат дека Русија за време на владеењето на претходниот американски претседател Доналд Трамп ги испратила своите воени инструктори на Куба на ист начин како што тоа го правеше во Венецуела за време на врвот на кризата во односите меѓу Вашингтон и Каракас. Тоа, според нив, преставувало и дополнителна опасност и страв за администрацијата во Белата куќа. Други аналитичари, пак, сè повеќе зборуваат за интензивирање на руско-кубанската воено-техничка соработка, па дури и за можно отворање руска база во таа земја, според моделот во времето на интензивните советско-кубански односи од минатиот век.