Двете страни се обвинуваат меѓу себе за провокација по инцидентот во Црно Море, во кој беа повредени неколку украински морнари. Руската морнарица заплени три украински воени бродови по нивниот обид да го поминат Керчанскиот Теснец

Тензиите помеѓу Русија и Украина повторно се разгореа по инцидентот во Црно Море, во кој беа повредени неколку украински морнари. Руската морнарица заплени три украински воени бродови по нивниот обид да го поминат Керчанскиот Теснец. Двете страни се обвинуваат меѓу себе за провокација, додека, пак, украинскиот претседател Петро Порошенко побара воведување воена состојба во земјата. И додека Москва за вчера свика одржување итна седница на Советот за безбедност на ОН, Киев ја зголеми на највисоко ниво борбената подготвеност на украинската армија. Најновиот инцидент претставува ескалација на тензиите околу полуостровот Крим, кој беше анектиран од страна на Русија во 2014 година, пренесуваат светските медиуми.

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека инцидентот се случил откако украинските бродови нелегално влегле во територијалните води, игнорирајќи ги предупредувањата да запрат, и спроведувале опасни маневри кај полуостровот Крим. Според ФСБ, украинските пловила, два артилериски брода и еден „тегнач“, се обиделе нелегално да го поминат Керчанскиот Теснец и од Црно Море да влезат во Азовско Море. По нив, според ФСБ, биле испратени повеќе руски бродови, кои биле принудени да употребат оружје за да ги запрат украинските бродови. Во инцидентот се ранети тројца украински морнари, а крајбрежната стража на ФСБ ги запленила украинските бродови. Руската страна потврди дека ги хоспитализирала повредените украински морнари. Покрај тоа, руската морнарица привремено го блокираше сообраќајот низ Керчанскиот Теснец, кој подоцна повторно беше отворен за употреба.

Шефот на руската дипломатија,Сергеј Лавров,изјави дека провокацијата во Керчанскиот Теснец очигледно е изведена под директна наредба на властите во Киев.

– Нема сомнеж дека тоа е направено намерно и под директно наредба на раководството. Кога ја планираше оваа провокација, украинската страна сигурно ја пресметала дополнителната корист што сакаше да ја извлече од оваа ситуација, очекувајќи дека САД и Европа слепо ќе ги поддржат, како и секогаш – порача Лавров.

Според него, Киев ги прекрши клучните одредби на меѓународното право.

– Постапките на украинската морнарица во Керчанскиот Теснец беа многу опасни, ги загрозија морскиот сообраќај и безбедноста на луѓето – додаде Лавров.

Од друга страна, украинскиот претседател ја повика Русија веднаш да ги ослободи морнарите и бродовите, кои беа запленети во Керчанскиот Теснец.

– Бараме тие итно да ѝ бидат предадени на украинската страна. Потребна е деескалација на кризата околу полуостровот Крим – порача Порошенко.

Тој претходно побара воведување воена состојба во земјата, истакнувајќи дека станува збор за одбранбена мерка, а не за планови за украинска акција. Украинскиот парламент вчера требаше да го разгледа барањето и да одлучи дали ќе биде прогласена воена состојба во земјата. Властите во Киев инсистираат дека не се одговорни за инцидентот и оти бродовите се обиделе преку Керчанскиот Теснец да пристигнат во украинското пристаниште Мариопол во Азовско Море, во согласност со постигнатите договори со Москва. Украина тврди дека однапред ја известила Русија дека нејзини бродови ќе пловат низ областа, додека, пак, Москва демантира дека добила какво било предупредување.

Иако и Русија и Украина имаат слобода за пловење во Керчанскиот Теснец во согласност со договорот од 2003 година, сепак има детални технички правила за тоа како бродовите би требало да поминуваат низ тесната и сложена морска маршрута. Целиот сообраќај во областа е под контрола на пристаништето во Керч, а секој брод треба да ги контактира пристанишните власти, да ги пријави својата маршрута и дестинација, како и да добие дозвола да помине низ теснецот.

Изминатите месеци, како што оценува Би-би-си, значително се зголемија тензиите помеѓу Русија и Украина околу Крим, Керчанскиот Теснец и Азовско Море. Плиткото Азовско Море се наоѓа источно од Крим и јужно од украинските региони, кои делумно се под контрола на проруските бунтовници. Двете украински пристаништа на северниот брег, Бердјанск и Мариопол, се клучни за извозот на жито и производи како челик, како и за увоз на јаглен во земјата. Претседателот Порошенко неодамна порача дека овие пристаништа се клучни за украинската економија.

– Ако блокираат брод со украинско железо и челични производи од Мариопол за само еден ден, трошоците се повеќе илјади долари. Железните и челични производи од Мариопол сочинуваат дури 25 отсто од приходите од украинскиот извоз – изјави Порошенко во септември за весникот „Вашингтон пост“.

На почетокот од ноември, ЕУ предупреди дека ќе преземе посебни мерки поради тоа што Русија ги запира и проверува бродовите што идат кон или од украинските пристаништа и покрај постојниот договор, со кој се гарантира слободата на пловење. Руските инспекции почнаа непосредно откако Украина во март заплени рибарски брод од Крим. Москва тврди дека инспекциите се неопходни поради безбедносни причини, укажувајќи на потенцијалната закана за мостот од украинските радикали.


НАТО ја поддржа Украина и бара воздржаност од двете страни

НАТО соопшти дека ги поддржува навигациските права на Украина во сопствените територијални води и ја повика Русија да обезбеди непречен пристап кон пристаништата во Азовско Море, во согласност со меѓународното право. За вчера беше закажан итен состанок на амбасадорите на земјите-членки и на украинскиот претставник во Алијансата, во врска со поморскиот инцидент помеѓу Украина и Русија во Керчанскиот Теснец, кој ги поврзува Црно Море и Азовско Море.
Од НАТО соопштија дека состанокот е свикан по барање од украинскиот претседател Петро Порошенко по разговорот со генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.