Доколку се потврди убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, постои опасност инцидентот значително да ги влоши односите помеѓу Ријад и Анкара, пренесуваат светските медиуми

Судбината на исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашоги и натаму е неизвесна, а турските власти сметаат дека тој е убиен во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Кашоги, кој меѓу другото е и дописник на „Вашингтон пост“, последен пат е забележан како во вторникот влегува во конзулатот, по што му се губи секаква трага.

Кашоги е долгогодишен новинар, кој е познат по тоа што пишуваше критички текстови за саудискиот принц, а ја критикуваше и Саудиска Арабија поради војната во Јемен и спорот со Канада. Доколку се потврди убиството на саудискиот новинар, постои опасност инцидентот значително да ги влоши односите помеѓу Ријад и Анкара, пренесуваат светските медиуми.

– Веруваме дека станува збор убиство со предумисла и дека телото дополнително е однесено од конзулатот – изјави висок претставник на турските власти.
Истовремено, и извори од турската полиција за западните медиуми потврдија дека Кашоги е убиен во конзулатот на својата држава во Истанбул.

– Полицијата во своите први заклучоци смета дека новинарот бил убиен во конзулатот од група што дошла во Истанбул со таква намера и се вратила истиот ден – истакна полицискиот претставник.

Од партијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порачаа дека Турција ќе открие детали за исчезнувањето на познатиот новинар. Од друга страна, пак, конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул ги отфрли таквите обвинувања, оценувајќи ги како неосновани, и соопшти дека е испратен тим од саудиски истражители за да помогнат во истрагата.

– Состојбата на исчезнатиот новинар, детали за него и кој е одговорен за тоа ќе бидат откриени – изјави портпаролот на партијата на партиски конгрес со кој претседаваше претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган.

Кашоги, кој живееше во САД во егзил, исчезна во Истанбул минатиот вторник при посетата на конзулатот, во кој пристигнал за да ги среди документите за венчавање со својата свршеница од Турција, а од конзулатот тврдат дека тој ја напуштил резиденцијата.

Хатиџе Ченгиз, свршеницата на саудискиот новинар, изјави дека дури 11 часа го чекала Кашоги пред конзулатот, но тој не излегол од објектот. Ченгиз истакна дека Кашоги претходно ја советувал да се јави на советник на турскиот претседател Ердоган, доколку тој не се врати, пренесува Би-би-си.

Исчезнатиот новинар е познат како голем критичар на саудискиот принц, како и на воената операција на Саудиска Арабија во Јемен. Откако неколку негови пријатели беа уапсени, колумната на Кашоги во весникот „Ал хајат“ е укината, а наводно добил и предупредувања да престане да критикува на Твитер. По ова, тој заминува за САД, каде што пишува колумни за „Вашингтон пост“.

Доколку се потврди дека Ријад стои зад исчезнувањето и евентуалното убиство на новинарот, тогаш инцидентот ќе предизвика голема криза во односите помеѓу Турција и Саудиска Арабија. Односите меѓу двете земји веќе се затегнати поради повеќе прашања, вклучувајќи ја и турската поддршка за Катар во блокадата од Саудиска Арабија, блискоста на Турција со Муслиманското братство, кое од Ријад е означено како терористичка организација, и турското приближување кон Иран, стариот непријател на саудиското кралство.