При уривањето на летот на „Етиопиан ерлајнс“ загинаа сите 157 лица во авионот

Моделот „737 Макс“ е најважниот авион на „Боинг“, а Кина е најзначајниот пазар на американскиот произведувач на авиони, па затоа кинеската одлука за приземјување на сите летала „737 Макс 8“ на нејзината авијација е исклучително битна, објавува Си-ен-ен.

Одлуката на Кина по втората несреќа на моделот „737 Макс 8“ во последните пет месеци (се урнаа авиони во Етиопија и во Индонезија), претставува исклучително лоша вест за „Боинг“, бидејќи американскиот произведувач предвидува оти азиската држава наскоро ќе стане првиот пазар за авиони вреден трилион долари. Се проценува оти на Кина ќе и бидат потребни 7.690 авиони до 2037 година, за задоволување на нејзините потреби. „Боинг“ се соочува со конкуренција од „Ербас“ и од „Комак“ за освојување на кинескиот пазар.

Кинеските компании веќе нарачале 180 авиони од „Боинг“, од кои 76 биле испорачани, според компанијата. Извесно е дека иднината на „Боинг“ зависи од продажбата на моделот „737 Макс“, бидеји моментно има 4.700 нарачки за моделот „737“, што претставува 80 отсто од сите побарувања на клиентите.

Во тек е истрага за причините за несреќата во Етиопија, по која „Боинг“ можеби ќе треба да изврши модификации на нивните авиони, како и да го смени начинот на обука на пилотите на „Макс 8“, доколку се утврди дека истиот проблем ги предвизвикал трагедиите во Етиопија и во Индонезија. Истрагата, заедно, ја спроведуваат четиричлен стручен тим од САД, властите во Етиопија и надлежните служби на „Боинг“.