Германската канцеларка Ангела Меркел, денеска по третпат во рок од еден месец покажа знаци на нарушено здравје, откако повторно неконтролирано се тресеше за време на пречекот на финскиот премиер Анти Рине, пренесува „Гардијан“.

Овојпат, треперењето не беше толку застрашувачко како она кое се случи првиот пат за време на посетата на украинскиот претседател Владимир Зеленски во јуни.

Првата епизода се припишуваше на дехидрација, но вториот напад се случи една недела подоцна, кон крајот на јуни, неколку часа пред Меркел да замине на самитот Г20 во Јапонија.

Овие случувања беа причина таа да се најде во центарот на вниманието на медиумите, а многумина се прашуваа за што станува збор и какви здравствени проблеми се во прашање. Меркел, која во пресрет на 65-от роденден е сметана за една од најмоќните жени на светот, изјави дека ќе се повлече од политиката по крајот на нејзиниот мандат во 2021 година.