Европската унија сака до 2030 година на патиштата да има најмалку 30 милиони возила со нулта емисија на штетни гасови, според нацрт-документ до кој дошла агенцијата „Ројтерс“.

Според агенцијата, во стратегијата што ќе биде објавена неделава, Европската комисија ќе утврди мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови во транспортниот сектор, што претставува четвртина од вкупните емисии во Европа.

– Целта Европа да стане климатски неутрална до 2050 година не може да се постигне без воведување на амбициозни мерки за намалување на зависноста од транспортот со фосилни горива – се вели во документот.

За ова ќе бидат потребни најмалку 30 милиони возила со нулта емисија до 2030 година, се додава во текстот.

Тоа е сериозно зголемување во однос на бројката од 1,8 милиони електрични и хибридни возила регистрирани во Европа кон крајот на минатата година, според Меѓународниот совет за чист транспорт. Сепак, треба да се има предвид и дека хибридните возила не се возила со нулта емисија.

Од друга страна, индустријата предупредува на недостаток на инфраструктура за т.н. „чисти автомобили“.

Документот на Европската унија проценува дека на Европа ќе и бидат потребни три милиони јавни локации за напојување на електрични возила и 1.000 станици за напојување со водород до почетокот на следната декада.

Европа сега има околу 200.000 локации за напојување на електрични возила.

ЕУ најави дека следната година ќе претстави план за решавање на овој проблем.

„Ројтерс“ наведува дека претставници на комисијата не сакале да го коментираат нацрт-документот додека истиот не биде официјално усвоен и објавен.