Речиси сите граѓани на Еквадор биле жртва на кибер-напад за крадење на податоци, како што соопшти една фирма за кибербезбедност, а пренесува „Индипендент“. Лични податоци на над 20 милиони лица, вклучувајќи идентитет, датуми на раѓање и телефонски броеви, се чувале на незаштитен сервер во Мајами. Сите податоци се на жителите на Еквадори, но и лични информации и на починатите, како што се броеви на лични карти, даночни броеви и членови на семејство.

Јужноамериканската држава има 17 милиони жители, така што постојат огромни шанси сите да биле цел на нападот. Серверот е во сопственост на еквадорската компанија „Новаестрат“, а безбедносната фирма „ВПН Ментор“ открила дека не бил заштитен. Проблем сега е решен, но не е познато дали некој со криминална намера имал пристап до податоците. Сепак, од фирмата известуваат дека сите можат да бидат изложени на ризик од кражба на идентитет.

Портпаролот на јавното обвинителство во Еквадор изјави дека незаконски биле објавени податоци на седум милиони деца. Еквадорскиот претседател Ленин Морено порача дека ќе воведе закон за построга заштита на личните податоци. Министерката за внатрешни работи Паула Ромо изјави дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Личните податоци на Џулијан Асанж исто така се наоѓаа на серверот. Еквадорската влада му додели државјанство на основачот на „Викиликс“ во текот на неговиот седумгодишен претстој во амбасадата во Лондон. Сепак, неговото државјанство беше укинато во април годинава.