Ликот на американскиот претседател Доналд Трамп се најде на знамињата и транспарентите на крајните десничарски движења во Германија. Демонстрантите на 29 август во Берлин протестираа против воспоставените мерки за ковид-19, пренесува „Јуроњуз“.

Голем број од демонстрантите воопшто не веруваат дека вирусот постои, а шират теории на заговор за диктатура и комунизам. Околу 400 демонстранти на протестите ги пробија барикадите и ги зазедоа скалите на Рајхстагот, за да му покажат на Трамп дека им е доста.

Иако тоа било лажна вест, а Трамп воопшто не бил во Берлин, тој стана симбол на антиковид протестите одржувани од екстремната десница на Германија. Рајхстагот (Царското собрание) бил користен во Германското Царство, а подоцна бил користен и од Нацистичката партија.

– Теориите на заговор и популизмот одат добро рака под рака. Популистите, исто како и теоретичарите на заговор, не прифаќаат какво било друго толкување на реалноста, освен нивното. Тие нивните критичари ги карактеризираат како лажговци и криминалци, истовремено доведувајќи ги во прашање демократските структури и прокламираат грандиозни ветувања за спас. Тие се успешни токму затоа што не нудат никакви реални решенија, а силни се само на зборови – вели Дана Бучик, експерт за теории на заговор и радикализација.

Движењето „Рајхсбуергер“

Крајно десничарското движење „Рајхсбуергер“, што може да се преведе како „граѓани на империјата“, се лица кои не ја признаваат германската држава како легитимна. Тие тврдат дека никогаш не постоел вистински мировен договор по Втората светска војна и затоа, и не ги признаваат ни законите. Тие сакаат да склучат мировен договор со Русија и САД, и сметаат дека сегашната германска елита треба да биде соборена. Ова е причината зошто, во нивните очи, Трамп е херој кој застанува пред елитата и настојува да го спаси народот.

Според германското Министерство за внатрешни работи, во Германија има околу 19.000 вакви лица, а тие главно се организираат на социјалната мрежа Телеграм или Дискорд, кои не се регулирани како Фејсбук или Твитер, каде што радикалните профили се честопати отстранувани. Според Бучик, постои едноставна причина зошто толку многу луѓе во Германија излегуваат на улиците против мерките од коронавирусот.

– Кога сме соочени со страшни настани во нашите животи, ние чувствуваме не само страв, туку и гнев, и оние кои се лути се во потрага по виновници. Ова нè прави ранливи на гласини и теории на заговор. Колку е поемотивна приказната, толку таа ќе биде поисплатлива – вели Бучик.

Според неа, голем број радикални ескалации би можеле да се спречат. Експертот вели дека роднините и пријателите се најефикасните средства за борба против радикализацијата.

– Крајно време е да не ги исмеваме овие луѓе, туку сериозно да ја сфатиме радикализацијата и да ја сметаме за опасност за нашето општество – вели Бучик.

Мирна војна

Атила Хилдман, познат вегански готвач во Германија, го поддржува десничарското движење. Тој секој ден на неговиот канал на Телеграм споделува слики, видеа, говорни пораки и текстови, зборувајќи против канцеларката Ангела Меркел и другите политичари, како и редовно повикувајќи на протести.

Хилдман ги нарекува маските за лице „маски на робовите“ и ги споредува мерките за коронавирусот со оние што им се наметнати на воените затвореници. Хилдман смета дека вакцинациите против ковид-19 ќе бидат „смртоносни инјекции“ со кои ќе се изврши „геноцид врз седум милијарди луѓе“.

– Радикализираните луѓе користат воени метафори за да го подобрат своето секојдневие. Тие не се гледаат себеси како опасни за општеството, туку повеќе како амбасадори за подобар свет. Според нив, војната е започната од други, тие само се бранат. Оваа херојска цел ги оправдува сите мерки – во најекстремните случаи, дури и насилство – објаснува Бучик.

Хилдман на својот канал на 15 септември напиша дека секој што ќе ја прими вакцината, наводно ќе умре од генетски болести во рок од 24 месеци. Тој додаде дека нема сочуство со оние кои ги сакаат лагите и ја навредуваат вистината.
Тој беше меѓу 300-те лица кои беа уапсени на демонстрациите на 29 август. И покрај сето ова, тој и другите членови на движењето велат дека сакаат да демонстрираат мирно, нагласувајќи дека бараат само мир и љубов.