Бројот на Британци, кои побарале белгиско државјанство, пораснал над десет пати во последната година, јавуваат медиуми во Белгија. 

Тие забележуваат дека барањата се зголемуваат поради нејаснотиите во условите за заминувањето на Британија од ЕУ. Постапката бара од луѓето да аплицираат во општината каде што се регистрирани и да платат такса од 150 евра. Тие мора да живееле легално во Белгија најмалку пет последователни години, да се вклопени во локалното место и да можат да докажат дека работат.

На барателите на белгиско државјанство им се нуди курс за да се вклопат во општеството, но само 30 Британци ја искористиле оваа можност. Белгиските граѓани можат да ги задржат и британските пасоши.

Неодамна, институциите на ЕУ ја повикаа Белгија да ги олесни условите за добивање државјанство.

Британските службеници во институциите добија ветување дека ќе ги задржат своите работни места по напуштањето на Велика Британија на ЕУ.