Претставници на Европската Унија, кои се дел од преговорите за брегзит, се сомневаат дека биле прислушувани од британските тајни служби, пишува „Дејли телеграф“.
Сомнежот, според британскиот весник, првпат се појавил кога членката на европскиот преговарачки тим Сабине Вејанд им посочила на своите колеги дека ѝ е чудно како Британците имаат информации што биле наведни во доверлив документ што им бил доставен од Европската комисија на 6 јули. Во документот биле изнесени негативни оцени на Еврокомисијата за задржувањето на заедничкиот пазар со Британија.

Само неколку часа по доставувањето на документот до преговарачите, британската влада на највисоко ниво побарала од Европската комисија да не ги обелоденува податоците наведени во него. По ова, според „Дејли телеграф“, двете страни презеле мерки за заштита од прислушување за време на новата рунда преговори што се одржаа вчера во Брисел. Властите на ЕУ им ги одзеле мобилните телефони и електронските уреди на Британците, а членовите на британската делегација си донеле сопствени печатачи.

Во меѓувреме, европските медиуми оценуваат дека последниот предлог на британската влада за брегзит наиде на млак прием во повеќето членки на ЕУ.
Според овој предлог, Британија би останала дел од слободна трговска зона на Унијата, но без да важат за неа европските стандарди. Шефот на европскиот преговарачки тим, Мишел Барние, меѓутоа изјави дека ЕК смета оти ова не е во најдобар интерес на Унијата. Лондон возврати со обвинувања за нефлексибилност од страна на ЕУ.