Демократскиот кандидат за претседател на САД, Џо Бајден, негираше дека сексуално злоставил поранешна помошничка во Сенатот во 1993 година.

Ова е негова прва јавна изјава на таа тема откако се соочи со силен притисок да одговори на обвинувањата, објави „Ројтерс“.

 – Сакам да одговорам на обвиненијата изнесени од поранешната службеничка дека сум ја злоупотребил пред 27 години. Тие изјави не се точни. Тоа никогаш не се случило – рече Бајден.

Тара Рид од Калифорнија, која во Сенатот работела како асистент во канцеларијата на Бајден од декември 1992 до август 1993 година, го обвини за сексуален напад.

Обвинувањето од Рид дојде во време кога Бајден се позиционираше како главен демократски противник на Доналд Трамп, кого повеќе жени ги обвинија за злоупотреби и насилно сексуално однесување за време на минатата изборна трка за Белата куќа.