Американскиот милијардер Роберт Дурст вчера беше прогласен за виновен пред судот во Лос Анџелес за убиство на неговата најдобра пријателка Сузан Берман во 2000 година, поради што му се заканува доживотна казна затвор, а во меѓувреме се поврзува и со две други стари убиства.

Дурст случајно признал три стари случаи на нерешени убиства за време на снимањето на документарец на HBO (Ејџ-би-о) во 2015 година. Додека уште носел микрофон по едно интервју, снимен бил како мрмори во тоалетот: „Што направив? Ги убив сите“.

Обвинителите го опишуваат Дурст, кому му се заканува доживотен затвор, како богат и нарцисоиден психопат, а рочиштето за пресуда е закажано за 18 октомври.

Дурст е обвинет дека Берман ја убил со истрел во главата, со цел да го прикрие исчезнувањето на неговата сопруга Кетлин Мекормак Дурст, која исчезнала во Њујорк во 1982 година.

На 78-годишникот му се судеше само за убиството на Берман во нејзиниот дом во Калифорнија, а е осомничен и за убиствата на неговата сопруга и поранешниот сосед, што се случиле во изминатите 39 години.

Иако со години беше осомничен за исчезнувањето на неговата сопруга, 29-годишна студентка по медицина, никогаш не беше покренато обвинение. Обвинителите велат дека тој ја убил и дека 18 години подоцна одлучил да ја убие и Берман бидејќи таа им открила на други дека му помагнала да го прикрие злосторството.

Набргу по објавувањето на пресудата, семејството Мекормак побара од обвинителите во округот Вестчестер, Њујорк, да покренат кривична постапка против Дурст.

Обвинителите за време на судењето, исто така го поврзаа Дурст со убиството на соседот Морис Блек во Галвестон, Тексас во 2001 година. Дурст во тој случај беше ослободен од обвинението за убиство, иако призна дека го распарчил Блек и ги фрлил неговите посмртни останки откако случајно бил погоден.

Дурст е внук на основачот на една од водечките компании за недвижности во Њујорк, а објавувањето на пресудата го следеше од затвор поради изложеност на коронавирус.

Тој бил уапсен кога влегувал во хотел во Њу Орлеанс каде бил пријавен под лажно име, само неколку часа пред емитувањето на последната епизода од документарниот филм на HBO, без кој, според обвинителите, немало да има пресуда.