Во неколку наврати минатата недела, поддржувачите на американскиот претседател Доналд Трамп го нарушија сообраќајот за време на митинзите на претседателската кампања на кандидатот Џо Бајден. Во Тексас, тие опколија автобус на Бајден, а во Њујорк и Њу Џерси, тие блокираа два автопата, пренесува „Њујорк тајмс“. 

За време на инцидентот во Тексас, повеќе возила на поддржувачи со знамиња на Трамп го опколиле автобусот на кампањата Бајден-Харис, кој се движел од Сан Антонио кон Остин, принудувајќи ја кампањата на Бајден да пропушти два митинга. Потоа, во неделата, само два дена пред изборите, приврзаниците на Трамп ги блокираа мостот на гувернерот Марио Куомо и паркот на Гарден Стејт, блокирајќи сообраќај на два од најпрометните автопата во метрополитенската област во Њујорк. 

ФБИ вчера соопшти дека спроведува истрага во врска со инцидентот аво Тексас, што Бајден го опиша како „обид да се избутка неговиот тим од патот“. Трамп, пак, застана во одбрана на оние што го опколоја автобусот.

– Според мене, овие патриоти не сторија ништо погрешно. Наместо тоа, ФБИ и Бирото за безбедност треба да направи истрага за терористите, агитаторите на Антифа, кои ги горат и уништуваат градовите во кои имаме водство и ги напаѓаат нашите поддржувачи – напиша Трамп на Твитер. 

Неговиот портпарол Џејсон Милер, прашан во врска со блокадите, имаше сличен став. Државниот сенатор Дејвид Карлучи, демократ кој го претставува округот Рокланд, пак, ја нарече блокадата од поддржувачите на Трамп „агресивна, опасна и несовесна“, а поединците дека „предизвикуваат опасност за себе и за другите“.

– Полицијата треба да работи на идентификување на овие лица и поднесување обвинение против нив. Сите имаме право да покажеме поддршка за претседателски кандидат, но немаме право да ги загрозуваме другите и да го кршиме законот – рече Карлучи. 

Вилијам Дафи, портпарол на државната полиција во Њујорк, рече дека полициските сили го следеле протестот, но немало апсења. Мостот не бил затворен, а сообраќајот набрзо бил вратен во нормала. Овие три инциденти се случија во време на зголемени тензии околу изборите во САД. 

Во Џорџија, демократите соопштија дека одлучиле да одржат виртуелна прес-конференција во округот Флојд, каде што имаа намера на митинг да го критикуваат Трамп за одржувањето на голем собир за време на пандемијата на коронавирусот. Демократските власти изјавија дека се одлучиле да не организираат настан затоа што се загрижени за можното „зголемено присуство на вооружени милитанти“ во градот, поттикнати од митингот на Трамп.


Насилството за време на изборите во САД е сеприсутна опасност

Експертите и владините агенции предупредуваат за опасноста од насилство додека Американците гласаат за нивниот следен претседател. Постои ризик од крвави судири, особено од судири меѓу крајните десничари и антивладините екстремисти, пишува „Форин полиси“.

Ризикот од насилство исто така може да се зголеми доколку претседателот Трамп биде поразен на гласачките места и се обиде да ги делегитимира резултатите од изборите.

Екстремисти постојат на двата краја на политичкиот спектрум во САД. Насилните бели врховисти и неонацистите се најопасната манифестација на оваа закана од крајната десница, а нивниот опсег на непријатели е огромен: имигранти, Евреи, муслимани, црнци, ЛГБТ- заедницата и либералите воопшто.

Исто така, постојат закани од страна на крајната левица, со можност за судири меѓу приврзаниците на Трамп и приврзаниците на Антифа, од кои многумина сметаат дека претседателот е фашист и кои би можеле да бидат мотивирани за поекстремни мерки, вклучително и насилство, доколку на изборите победи Трамп.