Шпанскиот премиер, Педро Санчез, денеска ги помилува сите девет каталонски лидери на сепаратистите, кои беа осудени за организирање на, според шпанскиот закон, нелегален референдум за независност и усвојување на Декларацијата за независност на Каталонија во 2017 година.
Санчез помилувањето го објави во телевизиско обраќање. Помилувањата се условни и забраната за вршење јавни функции за овие каталонски лидери останува на сила.
Санчез ги опиша помилувањата како знак на добра волја и прв чекор кон решавање на политичкиот конфликт на Мадрид со богатиот североисточен регион, чија влада бара нов референдум за независност, но со согласност на Мадрид.
Лидерот на социјалистите по владината седница рече дека овој потег ќе отвори нова фаза на дијалог што ќе овозможи поделбите и конфликтите да завршат еднаш и засекогаш.
Деветмината каталонски лидери беа осудени во 2019 година на затворски казни од девет до 13 години за бунт и злоупотреба на јавни средства при организирање на референдумот за независност на Каталонија од Шпанија.
Анкетите претходно покажаа дека околу 60 проценти од Шпанците, вклучувајќи ги скоро сите опозициски партии, се спротивставуваат на ослободувањето на политичарите и активисти приведени за нивната улога во хаотичните и понекогаш насилни настани, што ја предизвикаа најголемата политичка криза во Шпанија во последните неколку децении.