Компанијата на Марк Закерберг „Фејсбук“, се ребрендираше и го избра новото име „Мета“. Промената предизвика бурни реакции кај корисниците на социјалните мрежи, а истовремено ги збуни и трговците и потрошувачите, пренесуваат светските медиуми.
Името е референца за „метауниверзумот“ на Закерберг. Но, во одредени земји, новото име е проблематично, збунувачко па дури и непријатно за употреба. На португалски и шпански, името значи цел, додека на хебрејски, е синоним за почината личност од женски род. Во Бразил пак, тоа има сексуална конотација.
Кога станува збор за тргувањето, акциите на „Фејсбук“, односно „Мета“, ќе се тргуваат под називот „МВРС“ од декември. Зошто не „МЕТА“, се прашуваат сите. Затоа што тоа име веќе е зафатено од компанијата „Раундхил Бол Метаверс ЕТФ“ од јуни годинава.
Но, не сите го одобруваат „Метауниверзумот“ што ќе го гради Закерберг. Во виртуелната иднина што тој ја планира, не значи дека симулациите ќе се издигнат на ниво на реалноста, туку дека нашите однесувања и интеракции ќе станат толку стандардизирани и механички што повеќе нема ни да бидат важни, пишува Даглас Рушкоф во неговата колумна за „Си-ен-ен“.
– Наместо човечки изрази и емоции, нашите аватари во „Метауниверзумот“ ќе споделуваат емотикони. Наместо споделување мигови во вистински живот, ќе создаваме заеднички дигитални документи. За да стапнеме преку порталот на „Метаверсот“, значи да одиме во насока во која Закерберг постојано нѐ турка, а притоа мораме да ја оставиме нашата човечност зад себе – наведува Рушков во неговата колумна.
Истовремено, многумина посочија дека промената на името всушност е најновата стратегија на „Фејсбук“ да се извлече од многуте неволји во кои „заринка“ изминатите години. „Мета“ е тунелот за бегство на „Фејсбук“, начинот на Закерберг да ни каже да заборавиме на целото уништување што го предизвикаа неговите платформи, и наместо тоа да ја погледнеме поголемата слика.
Во критиките за контроверзното ребрендирање на „Фејсбук“ се вклучија и американските политичари и сенатори. Александрија Окасио-Кортез ја нарече компанијата „рак на демократијата“ и „глобална машина за надзор и пропаганда за зајакнување на авторитарните режими и уништување на граѓанското општество“.
– Промената на името не е ништо повеќе од обид да се „збуни“ и „одвлече вниманието“, но на крајот, новото име нема да ги избрише годините на сомнителни практики и непочитување на приватноста, благосостојбата на децата, ширењето омраза и овозможувањето на геноцид – напиша американскиот сенатор Ричард Блументал.
Други пак, сметаат дека преименувањето на „Фејсбук“ нема да ги реши проблемите на компанијата.
– Преименувањето на „Фејсбук“ во „Мета“ ги решава истите проблеми како што ги реши преименувањето на изразот „тортурата“ во „засилено испрашување“ – напиша научникот Мет Блејз на Твитер, повикувајќи се на техниките на ЦИА за извлекување информации од осомничени терористи по нападите од 11 септември 2001 година.