Набљудувано низ една поширока призма, токму Бугарија беше земјата што во изминатиот период ја користеше исклучиво историјата за да ги закочи евроинтегративните процеси на Македонија, истовремено запирајќи го процесот на проширување и нарушувајќи го кредибилитетот на самата Европска Унија

САД започнуваат отворена дипломатска офанзива во регионот со единствена цел да стават крај на анахроните политики во овој дел од Балканот. Пораките што ги испраќа Вашингтон се во насока дека повеќе нема место за ретроградни политичари, кои наместо да туркаат напред, остануваат заглавени во историјата.

Бугарија беше земјата што ја користеше историјата за да ги закочи евроинтегративните процеси на Македонија

Набљудувано низ една таква призма, токму Бугарија беше земјата што во изминатиот период ја користеше исклучиво историјата за да ги закочи евроинтегративните процеси на Македонија, истовремено запирајќи го процесот на проширување и нарушувајќи го кредибилитетот на самата Европска Унија.
Бугарските ретроградни политичари изминатиот период отворено работеа контра американските интереси во регионот блокирајќи ја Македонија, со што и натаму свесно продолжуваат да оставаат отворен простор за ширење на влијанието на трети страни и можна дестабилизација.
Тоа на Вашингтон воопшто не му се допаѓа и откако во Брисел не најде најдобар сојузник за дисциплинирање на Бугарија, сам ја презеде иницијативата и почна засилено да ја притиска Софија, најпрво со санкции врз бугарски бизнисмени поврзани со одредени политички структури во земјата, потоа со извештаи на Стејт департментот за корупција во земјата, што на некој начин беше увертира во актуелната политичка криза во Бугарија, на која не ѝ се наѕира крајот.
Последната порака дека политичарите не треба да се навраќаат и да се занимаваат со историјата стигна од американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар, кој изјави дека на овој регион му се потребни политички лидери посветени на европската интеграција, отворени за дијалог, кои ќе се занимаваат со можностите на 21 век, а не со проблемите од минатото.
Изјавата доаѓа во пресрет на ноемвриските претседателски и парламентарни избори во Бугарија и на некој начин претставува еден вид препорака до граѓаните какви политичари треба да избираат ако сакаат земјата да оди напред и да биде поддржана од меѓународната заедница.

Порака упатена директно до бугарските политичари, но и до македонските

Првиот македонски амбасадор во Грција и дипломат од кариера Љупчо Арсовски во изјавата на Ескобар препознава директна порака упатена до Бугарија.
– Таа изјава е директно упатена до бугарските политичари и со тоа им се испраќа силна порака дека никој не смее да бега од договореното. Згора на тоа, доаѓа во пресрет на тамошните претседателски и парламентарни избори и на некој начин е еден вид препорака какви луѓе треба да избираат граѓаните – вели Арсовски.
Според него, пораката може да се сфати и пошироко во регионот, дека од сето она што е договорено нема отстапување.
– Ова сега е упатено и до Бугарија, да не се навраќаат на минатото во преговорите со Македонија. Потпишан е Договор за пријателство и добрососедство, тие се членка на ЕУ и ги користат привилегиите на членството, можат да ставаат вето и тоа да го прават во недоглед, но на тој начин ги загрозуваат американските интереси тука. САД се силно заинтересирани за безбедноста во регионот и нема да дозволат некој да игра тука лево-десно. И на косовскиот премиер Курти, што неодамна правеше егзибиции за личен политички углед, му беше испратена порака преку локалните избори – истакна Арсовски.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски, пак, смета дека изјавата на Ескобар, меѓу другото, е насочена кон Бугарија, но е на мислење дека притисокот за решавање на спорот со источниот сосед останува да биде повеќе насочен кон Македонија.
– Сè уште мислам дека острината на притисокот повеќе е насочена кон нас отколку кон Бугарија, имајќи предвид дека оваа земја го има заокружено членството во сите поголеми ексклузивни меѓународни клубови, со исклучок на ОЕЦД. Затоа повеќе мислам дека оваа забелешка на Ескобар е повеќе насочена кон нас отколку кон нив, бидејќи ние сме слабата страна во спорот – прецизира Боцевски.
Според него, Американците имаат различен однос кон Бугарија, а различен кон Македонија.
– Друг е односот кон Бугарија, друг кон Македонија. Ние сме таа страна што бара, што моли, што е асиметрична – истакнува Боцевски.