Рускиот претседател Владимир Путин денеска рече оти во светот постои сѐ посилна тенденција на потценување на нуклеарната закана.
Говорејќи на годишната конференција за медиуми, Путин рече дека е тешко да се предвидат последиците од американското повлекување од Договорот за елиминација на нуклеарните проектили од краток и среден дострел, потпишан во 1987 година, пренесува Ројтерс.
САД на почетокот на месецот и дадоа на Русија рок од 60 дена да прекине за наводното кршење на тој договор или во спротивно ќе го напуштат. Вашингтон бара уништување или измена на дострелот на нуклеарниот проектил 9М729.
– Во моментов сме сведоци на колапсот на меѓународниот систем за контрола на вооружувањето – истакна денеска Путин.
Според него, се случува тенденција на потценување на нуклеарната опасност и таа е сѐ поголема.
Рускиот претседател предупреди дека нуклеарната војна „може да доведе до исчезнување на целата цивилизација, а можеби дури и на планетата“.
– Опасноста од нуклеарна војна се става во втор план, а таа се чини неверојатна или не толку важна – додава Путин.