Британија, Франција и Германија ги прават последните напори да го одвратат Иран од целосно повлекување од нуклеарниот договор, предупредувајќи дека истекува времето за преговори и ризикот од војна во регионот сѐ уште постои, пренесува „Гардијан“.
Иран се закани дека на 27 јуни ќе преземе чекори за напуштање на договорот, со кршење на ограничувањата за збогатениот ураниум поставени со спогодбата во 2015 година. Официјални претставници од трите европски држави, кои се поддржувачи на договорот, ќе се сретнат со претставници на Кина и на Русија за да разговараат за состојбата.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан, на обраќањето во Париз заедно со неговиот колега од Германија, Хајко Мас, изјави дека двете држави сакаат да ги насочат своите напори во спречувањето Иран да се повлече од договрот.
– Сакаме да ги соединиме нашите напори за да започне процес на деескалација. Сѐ уште има време и ние се надеваме дека сите страни ќе останат смирени. Има време, но тоа истекува – истакна Ле Дријан.
На обраќањето се огласи и германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас.
– Сѐ уште постои ризик од војна во Заливот. Потребно е да направиме сѐ што можеме за да не дојде до тоа. Затоа им се обраќаме на сите страни. Јас бев во Иран и исто така разговарав и со Американците. Ние треба да ја смириме состојбата по пат на дијалог. Ова е ера на дипломатијата и ние сме обврзани да го сториме тоа – додаде тој.
Ако Иран ги надмине ограничувањата за складирање на ураниум, договорот кој е познат како заеднички сеопфатен план за акција, на двете страни им давa време да ја оспорат ваквата постапка пред спогодбата да биде прогласена за наважечка.
Хасан Рохани јасно истакна дека сѐ уште нема желба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп и да преговара за договорот со САД.