Истражување на европска агенција за јавно мислење „Фјучр лаборатори“

Само 14 отсто од Европејците сакаат да се вратат во канцеларија по пандемијата и да работат од 9 до 17 часот, а повеќе од половината анкетирани велат дека се попродуктивни додека работат од дома. Ова се некои од наодите објавени во истражување за работа во услови на пандемија направено од „Фјучр лаборатори“. Според анализата, Европејците исто така претпочитаат и т.н. хибридна работа, што е комбинација од работа од дома и од канцеларија.
Истражувањето опфати 14.000 лица во Европа и покажа дека 83 отсто од вработените бараат поголема поддршка од работодавецот за постигнување рамнотежа меѓу работата и животот. Според Евростат, во 2020 година, околу 12 отсто од вработените во Европската Унија работеле од дома, во споредба со пет отсто пред пандемијата.
– Работодавците сега мора внимателно да размислат како да одговорат на предизвиците на модерниот хибриден живот – изјави потпретседателот на „Самсунг електроникс“, Бенџамин Браун.
Две третини од Европејците изјавиле дека направиле или планираат да направат приспособувања во домот за да го олеснат хибридниот живот, така што решиле да си направат домашни канцеларии, додека 41 процент од нив одлучиле да се преселат.
– Технологијата веројатно ќе ги следи нашето ментално здравје и среќа, како и физичкото здравје, а паметните уреди ќе станат наши асистенти – вели Меик Викинг, извршен директор на Данскиот институт за истражување на среќата.