Со можното воведување на новите санкции од страна на Западот и САД кон Русија, би можело да се блокира пристапот на странските инвеститори до пазарот на државен долг деноминиран во рубли од 185 милијарди долари. Странските купувачи поседуваат околу 50 милијарди долари од овие обврзници. Санкциите, исто така, може да ја прекинат способноста на Москва да ги претвора рублите во долари, евра или британски фунти. Најекстремниот чекор би бил да ѝ се забрани пристапот на Русија до системот за финансиски плаќања СВИФТ што го користат банките во светот, што би предизвикало хаос со кредитните картички на обичните граѓани.
Џо Бајден разговараше со лидерите на Франција, Германија, Италија и на Велика Британија за нивната заедничка загриженост за руското воено засилување на границите на Украина. Се верува дека повеќе од 94.000 руски војници се распоредени во близината на границите на Украина. Американските разузнавачи им порачаа на сојузниците во НАТО дека Москва го зголемува военото присуство на границата со Украина, со дури 175.000 распоредени војници. Во исто време, Русија ги негираше плановите за каква било инвазија врз Украина, велејќи дека европските нации треба да ја намалат поддршката за Украина.

Подготвил: Дејан Србиновски