Поранешниот претседател на Боливија, Ево Моралес, кој беше принуден да си даде оставка и да избега во услови на големи протести минатата година, ќе се врати во земјата на 9 ноември, рече новоизбраниот сенатор Андронико Родригез, пренесува ТАСС.
– Нашиот брат, поранешниот претседател, ќе се врати во Боливија на 9 ноември, ден по положувањето на заклетвата на новоизбраниот претседател Луис Арце – рече Родригез во интервју за телевизискиот канал „Телесур“.
Претходно, судот во Боливија ја откажа потерницата за Моралес, кој беше обвинет за тероризам откако привремената влада ја презеде власта во земјата. Привремената влада вети дека Моралес ќе биде уапсен веднаш по враќањето во земјата. Моралес, сепак, рече дека ќе се врати во Боливија кога ќе добие можност.
Боливија одржа претседателски избори на 20 октомври 2019 година, на кои се покажа дека тогашниот актуелен претседател Ево Моралес освоил најголем дел од гласовите, според Врховниот изборен трибунал во Боливија. Карлос Меса, неговиот клучен противник, објави дека не ги признава изборите и дека нема да ја признае победата на Моралес во првиот круг.
Откако резултатите беа официјално објавени, противниците на Моралес организираа протестни собири и земјата беше втурната во немири и превирања.
По три недели хаос, Моралес се повлече, карактеризирајќи ги случувањата како државен удар. Тој замина во Мексико, а потоа отиде во Аргентина, каде што доби статус на бегалец.
На 18 октомври во Боливија се одржаа претседателски и парламентарни избори. Поранешниот министер за економија на Боливија и кандидатот на партијата на Ево Моралес, Движење кон социјализмот (МАС), Луис Арце победи на изборите.